Жал ми е што текстов го пишувам во деновите кога на Влада Урошевиќ му се врачува „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Тој е третиот поет Македонец што ја доби врвната награда во 62-годишната историја на фестивалот. Влада Урошевиќ, омилениот професор на многу студенти, омилениот писател на многу читатели, омилениот поет на многу љубители на врвниот литературен израз, не заслужил лошо да се пишува за фестивалот во годината кога тој стана венценосец.
Но, има нешта што не смеат да се премолчат. Навраќајќи се на поранешните добитници и на претходните двајца Македонци добитници на светската поетска награда на официјалната интернет-страница на СВП, гледам Блаже Конески добил „Златен венец“ во 1981 година. „Блаже Конески од С. Македонија!“
Ооо, СВП, кој се дрзна да посегне по татковината на Блажета?! Кој се дрзна ретроактивно да го менува името на татковината на кодификаторот, на колосот на современиот македонски јазик?! И кога веќе решил да го менува, зошто не го напишал вистинското име на земјава кога Конески ја доби наградата – Социјалистичка Република Македонија? Се срамите ли од ова име, како од името Република Македонија, како што се викаше земјава во 2011 година, кога Матеја Матевски го доби „Златниот венец“? Се срамите ли од вековите поминати во Османлиската империја, средновековието на Климент и Наум, на Провинцијата Македонија во Римската империја, на македонските кралеви пред нив, на предците од Тумба Маџари и Врбјанска Чука?
Ниту една пробугарска, прогрчка, просрпска, проалбанска провокација, директна навреда, негирање, омаловажување, пцост не ме заболела како Блаже Конески, венценосецот од 1981 година од С. Македонија на официјалната страница на Струшките вечери на поезијата!
Секој што е или ќе дојде на власт ќе продолжи да го користи името Северна Македонија. Некој неодамна се обврза на тоа. Земјава веќе шест години така се вика, ни се допаѓало тоа или не. Но, зборот „Северна“ добива една сосема нова димензија кога ви станува поважен од зборот „Македонија“.
Денес кога е вообичаeно секој да добива некаква етикета, важно е да нагласам дека текстов не е нарачан, ниту од опозициски партии, од леви, десни, про-не знам како ориентирани. Никој не треба да ви нарача нешто кога ќе почувствувате дека раце од внатре ви го тегнат коренот. Зошто?! За да се додворите некому? За поголем буџет? За подебела сметка во банка? За уште некој ден, година на власт?
Не прашувам веќе зарем не ви е срам?! Фројд одамна заклучил дека првиот знак за човековата глупавост е целосното отсуство на срам. Можам само целосно да се согласам со него. Жал ми е што не можам целосно да се согласам со многу нешта што веќе 30 години ѝ се прават на оваа земја под превезот на патриотизмот. А зборот „патриотизам“ како некоја поетска правда, останува за интелектуалците со интегритет што ги доведовте до просјачки стап. За крај, прочитајте што ви вели Блаже Конески за својата татковина, кого се дрзнавте да го откинете од Македонија.
ТАТКОВИНА
Со замислени меѓи сум ја означил својата татковина.
Сум поставил белеги на сите нејзини
граници и на сите стратегиски точки: на
тераси над реки, езера и над морскиот брег
кај што сум седел долго со пријатели во
летни вечери, при чашка црвено вино.
На пазаришта со раскошни бои и опојни
мириси од есенско обилие.
На планински врвови кога низ проретчени
облаци се открива поглед во далечни
предели.
До кај што сум ја пронесол својата љубов,
дотаму е мојата татковина.
А вие, еј?
На што сте смислиле да ја сведете?!