Со настанот „OH READ #2 (дијалог низ поезија)“ завчера во Охрид беше затворена 35. Поетска ноќ во Велестово. Поетите Албан Туфа од Албанија, Павлина Атанасова од Македонија, Марија Костиќ од Србија и Шпетим Селмани од Косово првo во гимназијата „Св. Климент Охридски“ одржаа работилница за креативно пишување и дијалог преку поетски препев, наменета за млади, а подоцна се одржа и интернационално поетско читање во кафе и бар „Шила“ во Охрид.
Интернационалниот поетски фестивал се одржa од 12 до 20 август на повеќе локации во Велестово, Охрид и во Слоештица, а учествуваа триесетина поети и уметници од девет земји и беше проследен од повеќе од шестотини гледачи.
Годинава во фокусот на фестивалот беше македонската поезија пишувана од жени. Централниот настан беше промоцијата на „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска. Во своето обраќање поетесата Лидија Димковска истакна дека тоа е книга што ќе ја обележи историјата на македонската книжевност, а големата значајност на настанот и на издавањето на оваа книга го истакна и поетсата Весна Ацевска. Во рамки на фестивалот беше отворена и изложбата „Минливост“ на уметникот Тони Попов во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.

Во соработка Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се одржа промоција и на „Ново раѓање на зборот: антологија на малатата македонска поезија“, од приредувачите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, како и интернационалното поетско читање „Поезија ‒ Залез“.
На овие настани им претходеше и откривањето на скулптурата „Раката на поетот“ од Никола Пијанманов, поставена на сретсело во Велестово, интернационалното поетско читање „Прелудиум“ во кафе и бар „Шила“ во Охрид, и потпишувањето меморандум за соработка со „Арт Поинт ‒ Гумно“, односно славењето на двата јубилеја: 35 години Поетска ноќ во Велестово и 20 години „Арт Поинт ‒ Гумно“.
Фестивалот го овозможија: Општина Охрид, РЕАД (Регионална Мрежа за Културна Разновидност) и Европската Унија, Министерство за култура и Комерцијална банка.





