Синиша Туциќ е добитник на наградата на фестивалот „Друга приказна“

Попреченоста е главна тема на осмото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Фестивалот ќе се одржи од 1 до 3 септември во МКЦ и Бруталиск, во Скопје. Ќе се промовираат три публикации, специјално направени за фестивалот: книгата за борбата против аутизмот, „Мост над бурната река“ од Далибор Талајиќ од Загреб; сликовницата „Седум конци на сонцето“ од Драгана Младеновиќ и Инес Георгиевска; списанието Маргина #95 (на 250 страници прилози за студиите на инвалидноста).

Годинашен добитник на наградата е Синиша Туциќ, едно од најзначајните имиња на културната сцена.

Ќе бидат претставени и три детски книги за попреченост: „За копчето и среќата“ од Јасминка Петровиќ, „Гуш и Бац“ од Зоран Кардула и „Цветна дружина“ од Ирена Поповска.

Ќе се прикажат три документарни филмови: Марија Апчевска – Беласица; Маја Младеновска – Роза; Тежок андерграунд (Ново културно насеље, Нови Сад), а предавање на тема „Инвалидноста на филм“ ќе одржи Иван Велисављевиќ од Белград.

„Се сеќаваме на Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари“ – македонски писател(к)и и уметници ќе ги читаат омилените страници од неодамна починатите писатели Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари, лауреати на Друга приказна.

Синиша Туциќ е роден е во 1978 година и претставува едно од најзначајните имиња на војводинската културна сцена. Автор е на пет збирки поезија и на еден роман. Син е на славниот новосадски авангарден поет и уметник Вујица Решин Туциќ. Лице е со попреченост, тешко се движи и зборува. Често се среќавал со дискриминација, но ниту во еден момент не дозволил таа на кој било начин да го поколеба и да го одврати од неговиот пат. И покрај неговата попреченост (која ја има од раѓање), тој е сеприсутен, храбро и бескомпромисно ги прескокнува сите физички бариери, како и и предрасудите. Неговото мислење и како писател и како активист е високо ценето. Можеби му треба многу повеќе енергија од другите, но тој ја има таа енергија. Неговите очи и ум се насекаде. Тој е скапоцената посебност на Нови Сад.

Сподели