На летната сцена пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечерва во 20 часот ќе биде отворен Фестивалот на краток филм Drim Short 2023. Половина час подоцна почнуваат проекциите на филмовите кои ќе се натпреваруваат во регионална, интернационална и студентска категорија и специјалната програма „Соочување со минатото“. Фестивалот трае до четврток (17 август), а се одржува под мотото „Неопходна убавина“. Мастерклас ќе одржи реномираниот ирански режисер Али Ашгари.
Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма MK Special чија цел е промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми оваа година се плод на соработка со DocuFest од Косово и Сараевскиот филмски фестивал. Оваа година, во соработка со „Еко-свест“ ќе биде претставена и ревијална програма на тема екологија и заштитата на животната средина.
Ќе бидат одржани две дискусии – на тема „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со „Еко-свест“ ќе биде на тема заштита на животната средина и пред се Охридското Езеро, а ќе учествуваат екологисти и преставници на институциите.
Drim Short Film Festival по втор пат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм Fund Ready, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network.
Во музичката ОФФ програма ќе гостуваат „Фолтин“, а фестивалот ќе биде затворен со диџеите Diah и Бодан Јамакоски. Целата програма на линкот.





