Ника Гавровска: Моите основни стравови ги генерираат моите приказни

„Ветерната приказна“ – книга со толкава суптилност и вештина ги пренесува најважните еколошки пораки до децата, поканувајќи ги да ѝ се придружат во авантурата на Верта, девојчето кое тргнува да го врати ветерот и да го спаси својот свет од замирање, што едноставно плени.

„Ветерната приказна“ е дело на Ника Гавровска со илустрации на Наташа Андонова, издание на малата издавачка куќа „Гаврош“, во сопственост на Гавровска. Ви пренесуваме дел од интервјуто со Гавровска која Наташа Атанасова го објави на нејзиниот блог Блен.мк. Деновиве Умно.мк објави интервју со илустраторката Наташа Андонова во која го објаснува творчкиот процес и создавањето на илустрациите за „Ветерната приказна“.

– „Ветерната приказна“, како приказната за Верта и нејзиниот дедо во светот без ветер и китот Гра е приказна која живееше во мене многу одамна, долго пред постоењето на „Гаврош“. Проектот The Ways of The Heroes е мозаик од седум партнери, а предводник е Македонскиот народен театар. Кога беше одобрен од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија, се договоривме дека работата ќе оди верижно. Идејата на партнерите од Србија „Ехо Анимато“, беше да се снимат 12 кратки документарни филмови за 12 поединци, по двајца од секоја од шесте земји – поединци кои прават промени на микроплан, кои можат да инспирираат и во чии дела и јас и ти би можеле да се препознаеме. Процесот на селекција беше долг, снимањето траеше цела година и јас и Наташа Андонова сфативме дека не можеме да чекаме да завршат, па тргнавме полека да го конструираме светот на фикцијата – вели Гавровска.

Со илустраторката Андонова тргнале од тоа да го изградат светот на „Ветерната приказна“, а потоа во него да ги внесуваат 12-те лика.

– И беше многу ризично – дали овие луѓе кои постојат во реалниот свет ќе успеат да го вдишат светот на фикцијата и дали ќе функционираат во светот на Верта, дали ќе успеат, секој на свој начин да ѝ помогнат во нејзината авантура… Процесот беше обратен и беше прашање на експеримент. Практично, јас се запознав со моите ликови кога излегоа кратките документарни филмови, и тогаш ги внесов нивните цитати во приказните. Потоа, откако излезе книгата, за време на промоциите на изданијата во сите партнерски земји, и кога ги запознав овие ликови од фикцијата во живо тоа беше тотално надреално искуство. Јас живеев со нивните видеоинсерти додека ја пишував приказната, а кога ги запознав вистинските Кристина, Силво, Елмедина… не можев. а да не ги перципирам како ликови од приказната – вели Гавровска.

Целото интервју прочитајте го на Блен.мк

Насловна фотографија: Блен.мк

Сподели