„Литера“ ми приредила толку многу уживање и задоволство во фантастичните изложби на врвни илустратори, каде со часови си гледаш во оригиналната илустрација која те пратела низ детството и станала дел од твојата визуелна меморија – вели илустраторката Наташа Андонова
Како се црта осаменоста? Интерпретацијата на зборот не е едноставна. Мене, пред сè, ми беше важно да предизвикам или да навестам атмосфера, бидејќи јазикот сам по себе е моќен медиум, јазикот е врвното искуство и доживување. Сликата треба да евоцира, најави и надополни, со економични средства следствено на јазикот на Ника Гавровска, која со една придавка – „памучна” магла ни го претставува светот на Верта. Овој свет јас го прикажав со цртеж, изведен со најбазична техника, која има тактилност, спонтаност, текстура, накратко кажано – јагленот сам си црта – вели Наташа Андонова, илустраторка на првата графичка новела кај нас „Ветерната приказна“, по текст на Ника Гавровска, а во издание на „Гаврош“.
Оваа специфична книга наменета и за деца и за возрасни, e дел од проектот „Патиштата на хероите“ (The Ways of the Heroes )- проект поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија и Министерството за култура, а во него учествуваа партнери од неколку држави. Илустрациите на Андонова во последните неколку месеци патуваа токму во дел од нив – Грција и Италија, а пролетва беа изложени и во „Мала станица“ во Скопје. Книгата ја доби првата награда од Асоцијацијата на издавачите на Македонија, додека Фестивалот за илустрација и литература за деца „Литера“ ја прогласи за најиновативно издание.

Андонова дипломирала и магистрирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 2002 година е членка на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, а во 2006 година била на студиски престој во Париз, Франција. Своите дела ги изложувала на самостојни и групни изложби во Македонија и во странство. Авторка е на костимографија за десетина театарски проекти и имала бројни ангажмани како асистент-костимограф. Работела на филмски проекти како костимограф, сториборд автор, асистент-костимограф, аниматор, илустратор. Во последните години активно работи 2-Д анимација. Добитничка е на повеќе награди.
Моментално работи на кратката приказна „Страшило“ од Славко Јаневски, од издавачката куќа „Темплум“.

Како се роди „Ветерната приказна“? Околу 300 цртежи станаа илустрации во ова ремек-дело. Која техника ја користевте и дали ви требаше време за да стигнете до вистинскиот избор на техника?
– „Ветерната приказна” за мене беше ексклузивна можност да откријам како еден писател ја гради структурата на приказната, како едно јадро пушти корени и из’рти во нова приказна. Идејата на приказната беше Митот за Ветерните луѓе и двата главни лика, Верта и дедото што орбитираат околу него, живеејќи во еден постапокалиптичен свет, кој секако е приказ на нивниот внатрешен пејзаж, на нивната осаменост. Како се црта осаменоста? Интерпретацијата на зборот не е едноставна. Мене, пред сè, ми беше важно да предизвикам или да навестам атмосфера, бидејќи јазикот сам по себе е моќен медиум, јазикот е врвното искуство и доживување. Сликата треба да евоцира, најави и надополни, со економични средства следствено на јазикот на Ника која со една придавка – „памучна” магла ни го претставува светот на Верта. Овој свет јас го прикажав со цртеж, изведен со најбазична техника, која има тактилност, спонтаност, текстура, накратко кажано – јагленот сам си црта.

„Ветерната приказна“ беше едно движење во контрастите на нашето трпение и недисциплина, качување и симнување од акција во мирување и обратно, посветеност, емотивни експлозии и сè што носи еден креативен влог на двајца автори. Во таа смисла, квантитетот беше неопходен, постојано бркајќи ја приказната што мораше да прерасне во авантура на Верта која ги отвора дванаесетте ликови како руски матриошки за да стигне до малиот кит.
Како течеше процесот на соработка со Ника Гавровска? Дали прво ја прочитавте приказната, па отпосле ги создадовте илустрациите или течеше паралелно?
– Митот за Ветерните, Верта и дедото и пределот на Ветерната Земја… Тоа беа темите на нашите средби, дискусии, разговори. Ника постојано ми носеше прекрасни изданија од нејзината домашна библиотека и секогаш со уживање тонев во нив, не замислувајќи дека ќе се доближиме до еден таков стандард. Работев по готов текст, но имаше прекрасна епизода што сакам да ја споделам. За ликот на Маја, базирана на Маја Модријан од Словенија, која својата индивидуална борба со енормното производство на текстил ја изразува во воздржаност од купување облека дури и обувки скоро 2 децении!!! (замислете го тоа) која успешно рециклира, дури и најситната дребулија што ние не ја ни забележуваме, како етикети, копчиња, обувки !!! Мене само ми се појавуваа прашалници како ќе влезе во приказната…
И секако Ника, појавата на нејзиниот лик во приказната за Верта, го смести во мигот кога на Верта трга кон океанот.. (како се стига од Охридското Езеро до Атлански Океан и Саргаско Море оставаме да откријат љубопитните читатели, освен ако веќе не им е јасно тоа). Идејата беше ликот на Маја да биде препознатлив веднаш и да редуцираме – да не цртаме ентериер, туку сè да се одигра надвор, костимот да биде шивачницата, домот… Искористив една фотографија од интернет (жена во црна бурка поминува улица со Сингер машина на главата) и тоа се спои со идејата за еден кринолин кој може да биде составен од многу мали фиокички, онакви мали како во дуќанчињата во чаршија, плус кринолинот ќе може да се склопи во еден момент кога ќе се наведне Маја, како оние пластични чаши за вода од 70-те што ни ги даваа за во училиште… На тоа Ника се надоврза со идејата дека Маја всушност од пената на бранот ткае и шие и дека низ иглените уши од таа пена ќе дувне еден балон со воздух за да може Верта да дише под вода..
Оваа книга е дел од поголем меѓународен проект. Имавте изложба и промоција и во Грција. Какви беа реакциите таму?
– Како дел од проектот Thе Ways of The Heroes, „Ветерната приказна“ концепциски требаше да биде епилог на проектот, во кој ќе биде содржана замислата на партнерите од Србија, „Ехо Анимато“, чие дело се 12 документарни филма во кои 12 неверојатни личности од Македонија, Србија, Слoвенија, Грција, Италија, Босна и Херцеговина кои избрале своја борба, еден индивидуален чин, еден херојски пат, пожртвуваност и свој прилог кон природата, кон својата сопствена животна средина, влог за добробит на нивното соседство, влог за идните генерации, љубов кон животот и животен избор кој е далеку од конфорен, некомпромитирачки, свесен, за пример на сите нас…

Документарците станаа предлошка за многу позадини и пејзажи, користев кадри од нив за да ги претставам новите предели на мапата од Ветерната Земја и светот околу неа… (во книгата ликовите преминаа од вистински во имагинарни карактери на патот на Верта, која ги среќава на точно одредена емотивна нијанса и кои ја насочуваат кон нејзината дестинација. Портретите на ликовите се секако портрети на вистинските личности , а во книгата ќе пронајдете разгледници (12 класични поштенски разгледници )со фотографии од вистинските личности каде, ако сакате да дознаете како настанал тој лик, можете да го откриете нивното дело и личност со едноставно вчитување на баркодот кој ве носи на сајтот. Ова е една од многуте генијални идеи на Ника.
Годинава ја освоивте наградата за најдобра илустрација на фестивалот „Литера“ за книгата „Страшната ноќ“. Значат ли овие признанија, посебно што таков вид фестивал се ретки и во регионот?
– Наградата од „Литера“ ми е многу драга, пред сè бидејќи тимот на „Литера“ има исклучителни естети, посветени на голема и важна мисија. „Литера“ ми приредила толку многу уживање и задоволство во фантастичните изложби на врвни илустратори, каде со часови си гледаш во оригиналната илустрација која те пратела низ детството и станала дел од твојата визуелна меморија … И бидејќи навистина уживав и се внесов во „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски од издавачката куќа „Темплум“.

Сметате ли дека во издаваштвото треба да бидеме похрабри и што покреативни за да се допре до поголема публика, а пред сè, и до детската, за која вие создавате многу дела?
– Па искрено, баш би сакала графичките новели да станат еден македонски бренд. Имаме врвни автори, сликари, илустратори. Ника го направи првиот чекор… Нели би било убаво да имаме за нашите идни читатели добар и голем избор на графички новели?

Имаме ли придвижување на квалитетот во добра насока од аспект на илустрацијата во последните години?
– Секако свеста за важноста на илустрацијата и графичкиот дизајн е присутна и се негува од издавачите. Саемите за книга, како еден филтер ги препозанават квалитетните автори и дела, а самите издавачки куќи ангажираат автори со различни стилови, што е одлично. Бидејќи треба да биде разновидно и секако, квантитетот ќе го продуцира и квалитетот. Секој да биде доследен на сопствената естетска суштина.





