Почина актерката Катина Иванова, извонреден човек, пријател

Замина актерката Катина Иванова, кралица на интерпретацијата, со истакнат сценски говор, особено специфичен и топол сензибилитет, која повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар. Имаше 72 години.

– Катина Иванова беше насмеана и префинета личност, постојано ги следеше претставите, ги поддржуваше актерите, извонреден пријател и човек – соопштија од МНТ.

Родена е на 1 јуни 1951 година во Скопје. Дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитирала како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976 година). Од 1979 година е член на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во повеќе од 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989) и многу други.

Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи. Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009). За своите актерски остварувања, добитник е на Награда за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и Наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“ (1997).

Фото: МНТ

Сподели