Две изложби беа отворени синоќа на плоштадот Парк во центарот на Крушево, во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Крушевчани, но и голем број туристи имаа можност да погледнат две изложби кои на свој посебен начин се испреплетуваат една со друга. Станува збор за фотографии на браќата Манаки на кои главно се фотографирани цели фамилии, парови или портрети на локално население во автентични костими и интересни позадини. Фотографиите беа реализирани од страна на Центарот за култура од Битола и Државниот архив, исто така, со наслов „Лица и места”.

Другиот дел од изложбата беа театарски костими и фотографии од претстави на познатиот костимограф Благој Мицевски од Битола, дел од неговата ретроспективна изложба „Опера драма балет”. Во прекрасниот автентичен амбиент, костимографот покажа колку многу фотографиите на браќата Манаки биле и се уште се огромна инспирација за создавање нови уметнички дела, но и неисцрпна историска ризница. Изложените костими по својата форма и колористична гама идеално се вклопија во светот на црно-белите фотографии.

Покрај костимите од Народниот театар Битола, во посебен дел беа изложени и фотографии од драми, опери и балети за кои Мицевски реализирал костимографии во странство, со што публиката имаше можност да се запознае со големиот опсег на разновидни костими.
Посебен интерес за изложбата покажаа и многубројните странски гости кои деновиве се дел од Светското првенство во летање со зме во Крушево. Годинава Крушево се закити со титулата „Град на културата“.





