„Улаф сте?“ – Нема поубаво нешто за еден уметник кога го менува општеството и влијае на свеста на публиката  

Додека растев другарите често го користеа изразот „улав“. Јас, поради пречки во слухот, кажував улаф, со ф. Тоа звучеше симпатично за тие што слушаат и така, често го кажуваа тој збор. Кога станав сопственик на кафе-бар во Битола одлучив да го користам токму тој израз „Улаф сте“ – вели Мартин Ангелов

Планетава на која живееме е прекрасна. Општествата и системите кои ги создавале и ги создаваме не се баш. Има луѓе кои навистина веруваат дека можеме да создадеме подобро општество и луѓе кои како „хиени“ се инфилтрирале во системот како чинители во општествениот процес, кои не се заинтересирани, ама воопшто, за подобро општество – едноставно гледаат само финансиски интерес. Од таквите си патиме во македонското општество веќе со декади. Претставите „Три“ и „Улаф сте?“ се успешни и достигнале во исто време и голем публицитет најмногу поради тоа што се на македонски знаковен јазик кој сè уште не е стандардизиран. И двете претстави се однесуваат за проблематиките на глувонемите лица на индивидуално и на општествено ниво – вели режисерот Јован Ристовски.

Мартин Ангелов и Јован Ристовски (фото: Коста Дупчинов)

„Улаф сте?“ зборува и за човечките вредности што сме ги заборавиле попат.
– Заборавивме да се слушаме помеѓу себе како луѓе, заборавивме да се почитуваме, да прифаќаме, да се сакаме… Претставата е емотивна. Со екипата заедно ненамерно направивме многу емотивна претстава. Публиката без да сака се препушта и доживува повеќе театарски катарзи – вели Ристовски.

Ова е прва претстава за возрасни на знаковен јазик, по „Три“ што имаше премиера минатата година. Дел од екипата од првата претстава игра и во „Улаф сте?“ – Маја Андоновска Илијевски, Никола Пројчевски и Сандра Грибовска, како и на актерите што скокнале во овој непознат свет, односно Марија Стефановска и младите талентирани и надежни актери Наталија Ристеска и Кристијан Танчевски.

– Цела екипа се сериозни способни актери. И само со таков тим и точна подела на улоги, може да се оди чекор понапред во професијата, да се расте во театарската уметност. За кој било актер е навистина макотрпен процесот на создавање претстава на знаковен јазик. Само со љубов, волја, љубопитност и интересот кон сопствената професија и верувањето на актерите во визијата, во идејата и мисијата која сум ја поставил – се постигнува и постигнавме одличен резултат. Без разлика за која професија станува збор, дали уметник, доктор, автомеханичар, програмер, без тие умствени и духовни вредности (алатки), нема прогрес, нема еволуција, нема резултат – вели режисерот.

За да се продлабочи во проблематиката, Ристовски го побарал Мартин Ангелов од Битола, глуво лице и споственик на кафе-барот „Улаф сте?“ Јован се интересирал за предизвиците со кои се соочуваат глувите.

– Откако јасно сфати во што е проблемот, се зафати со реализација на театарската претстава која гласно повикува на еднаквост. Пишаниот текст го преточивме во македонски знаковен јазик. Соработката со целиот тим беше одлична. Актерите се запознаа со културата на глувите и ги вежбаа знаците. За две до три седмици го совладаа материјалот и почнаа слободно да се изразуваат на знаковен јазик – вели Мартин.

Интересно е потеклото на „Улаф сте?“.
– Додека растев другарите често го користеа изразот „улав“. Јас, поради пречки во слухот, кажував улаф, со ф. Тоа звучеше симпатично за тие што слушаат и така, често го кажуваа тој збор. Кога станов сопственик на кафе-бар во Битола одлучив да го користам токму тој израз „Улаф сте“. Можам да кажам дека посетеноста на пица-кафе барот „Улаф сте?“ е на задоволително средно ниво. Ја чувствувам поддршката. Луѓето прават нарачки и уживаат во своето вкусно кафе – вели Мартин.

Тој истакнува дека претставата допрела до глувата популација која се почувствувала разбрана за тешкотиите со кои се соочува од мали нозе, пристап до институциите и сл.

– Списокот е многу долг. Се радувам дека претставата јасно покажа како може да се помогне – вели Ангелов.

„Улаф сте?“ имаше мала турнеја низ македонските градови, односно Струга, Охрид, Прилеп, Крушево, Скопје и неколку репризи во Битола. Во почетокот на новата сезона на есен 2023/2024 година ќе следат изведби во Битола, Скопје, Велес, Струмица и други градови и општини што ќе покажат интерес за  ова мало, но вредно театарско дело, вели режисерот Ристовски. Претставата е независен проект поддржан од страна на Амбасадата на Швајцарија во Македонија. „Три“ беше исто така независен проект поддржан од страна на ГИЗ – Скопје.

Фото: Ивона Кочов

– Новата публика се создава со поместувањата на веќе постоечките театарски конвенции, правила итн. Државата и државните театри се плашат од тој процес, не си дозолуваат да размислуваат надвор од кутијата, од стандардот. Немаат кадри и не знаат како да препознаат добри идеи! Тоа е борба која трае со години. Народен театар Битола знае да биде визионер, во последно време и Велешки театар, но според фактот дека театарските државни институции се стерилни во процесот на создавање театарски репертоар, тоа ме разочарува, а од друга страна, ме мотивира и ме охрабрува да не ги создавам овие театарски дела таму – на државно ниво со државен буџет! Првен, беа одбиени проектите – не ги поддржаа од страна на државата, второ меѓународните агенции и амабасадите ги препознале моите идеи. Тоа е прв знак дека навистина нешто не е ред со театрите во државата и веројатно самите комисии од Министерство за култура.

Бариерите тешко ќе ги урниме со ваквата ситуација, но убавината е што со овие две претстави не бевме разбрани што сакаме да постигниме, тоа  значи дека првен ја урнавме првата бариера (државните институции), а наредната бариера е дека со една претстава направивме и општествена револуција – со огромно влијание за стандардизација на македонскиот знаковен јазик. Нема поубаво нешто за еден уметник, кога го менува општеството преку уметност и влијае на свеста и на духовниот свет на публиката. Визијата и мисијата успешно сме ја реализирале – вели Ристовски.

Сподели