На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје, во некогашното Еврејско маало, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“. Ќе бидат изложени 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје. Дел од фотографиите се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Рафаел Алтарас и добиени на подарок од неговиот син, за Фондот на холокаустот. Куратор на изложбата е м-р Жаклина Мучева.
Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 година во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941 година, на возраст од 18 години, тој се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата. Бил носител на партизанска споменица 41-ва (првоборец). Од целото семејство Алтарас, тој и неговите две постари сестри, кои се венчале пред почетокот на војната (презимиња Димитријевиќ и Радовиќ), ја преживеале војната. По неговото ослободување, тој ја продолжил својата кариера како офицер на ЈНА и се пензионирал во ранг на полковник на ЈНА.
Од 1959 до 1963 година служел во скопскиот воен округ, и го доживеал скопскиот земјотрес. Бил меѓу првите кои дошле да им помогнат на повредените. Бидејќи фотографирањето му било хоби и никаде не одел без фото апаратот, помагајќи и фотографирал. Со тоа фотографиите биле создадени како автентичен запис за ужасот кој го снајде градот Скопје.
Изложбата се отвора по повод одбележувањето на 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Изложбата ќе биде поставена во изложбениот салон на вториот кат во Меморијалниот центар, а ќе боде отворена до трае до 31 август. Влезот е слободен.





