„Во главата на Бруно Шулц“ од Максим Билер на македонски јазик

Од печат излезе новелата „Во главата на Бруно Шулц“ на современиот германски писател Максим Билер, во издание на „Македоника литера“. Преводот од германски на македонски јазик е на Софија Поповска.

Во оваа новела Максим Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц. Во оваа магична, трагикомична, бурлескна новела, тој ни нуди патување до полскиот град Дрохобиц, во светот на Бруно Шулц, во 1938 година. Нè води во подрумот каде што Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа, му пишува писмо на Томас Ман. Тој се надева дека светски познатиот писател ќе може да му помогне да најде издавач во странство – тогаш конечно би имал причина засекогаш да ја напушти својата клаустрофобична татковина.

Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а посебно на еврејското творештво. Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот. Неговиот литературен пристап е понекогаш полемичен, понекогаш горко лут, но секогаш хумористичен и луциден. Билер е шокантно искрен, пишува со очигледна елеганција и без да угодува, туку непоколебливо да ги разоткрива и именува. Неговиот стил на пишување е колку поетски, толку и провокативен, интелектуално предизвикувачки и длабоко трогателен.

Новелата „Во главата на Бруно Шулц“, досега преведена на 15 јазици, е првото дело на Билер преведено на македонски јазик.

Сподели