На 90 години почина композиторот Љубомир Бранѓолица

„Љубовта кон музиката беше присутна во моето семејство уште од најрано детство… Затоа моите родители ме упатија да учам пијано. Тоа и посетите на концертите во Дубровник, каде што тогаш живеевме, се моите први сеќавања за музиката…“, рекол композиторот Љубомир Бранѓолица во интервју за „Радио Скопје“ во 1977 година. Неполн месец пред 91 роденден во Скопје почина композиторорот Бранѓолица, соопшти Сојузот на композитори на Македонија. Последното збогување е закажано за утре (25 јули), во 8 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел. Погребот ќе биде извршен во 9 часот.

Бранѓолица е роден на 19 август 1932 година во Херцег Нови. Музичкото образование го започнал во Загреб и во Риека. Од 1950 година работи како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на поранешна Југославија во Белград, а во 1954 година трајно се преселува во Македонија. Од 1957 година е корепетитор во Балетот на Македонскиот народен театар. Во 1966 година се вработил во Македонската радио-телевизија каде што останал до крајот на работниот век извршувајќи функции на музички уреденик и музички продуцент.

– Во сиот период се пројавува како исклучително плоден творец, во повеќе подрачја и повеќе музички жанрови. Освен класична, пишувал и популарна и џез музика, музика за театарски претстави, филмска и детска музика. Се пројавувал и како публицист пишувајќи низа, главно балетски критики, како и неколку книги меѓу кои и обемната монографија „Музика – 50 години со вас“ (Скопје, 2000) – велат од СОКОМ.

Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на 20 век. Во неговиот исклучително богат творечки опус има и опери и балети, и камерни и хорски композиции, и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат – балетскиот опус што опфаќа 18 целовечерни балети.

Сподели