Поетесата Ивана Јовановска деновиве учествува на 26. издание на Интернационалниот поетски фестивал LeseLenz во Хаусах, Германија. Најавена како авторка на номадизмот/авторка во движење, таа учествува заедно со 30-ина поети од Германија, Австрија, Чешка, Бугарија, Турција, САД, Ирак, Словенија, Белорусија, Франција и од Грузија.

Јовановска настапи во саботата со песни од нејзината прва стихозбирка „На ракавот на градот“, а дел од нив се преведени и издадени во поетски буклет на германски јазик, благодарение на платформата „Версополис“ и нивната соработка со Струшките вечери на поезијата.
Нејзината издавачка куќа „ПНВ Публикации“ ја најавува нејзината втора стихозбирка „Номадски затвори“, што треба да биде објавена во септември.





