БРО: „Црно семе“ не е во наставната програма за средно стручно од 2019-та, но ја има во лектирниот список?!

Во модуларните програми не постои список на лектири, туку дела што се посочени во програмата. Во изминатите три години овие три книги (Црно семе, Црнила, Парадоксот на Диоген) ги нема во програмата – вели професорка по македонки јазик во средно стручно школо

Делото „Црно семе“ не е содржано во наставната програма уште од 2019 година, туку делото е планирано и поместено во лектирниот список, којшто се изедначува со лектирниот список за учениците од гимназиско образование. Оваа изјава од Бирото за развој на образованието ги збунува професорите што предаваат во средно стручно школо кои за Умно.мк велат – ние список со лектири немаме и во наставната програма ги нема овие наслови.

Наставната програма за општообразовниот наставен предмет Македонски јазик и литература за четиригодишното стручно образование е донесена од страна на министерот за образование и наука во 2019 година. Согласно реформите во стручното образование, оваа наставна програма беше реализирана учебната 2021/22 година во шест средни училишта, а од учебната 2022/23 година во сите средни стручни училишта, објаснуваат од Бирото.

– Останатите поместувања во наставната програма се направени врз анализа и потреба во новата наставна програма да се внесат дела и на други етаблирани автори кои се дел од македоската современа литература создавана во последните две децении. Учениците во четврта година се среќаваат со дела од современата литература и во неа се застепени македонските автори Дуковски, Насев, Чашуле, Стефановски. Со оглед на тоа што одредени дела (како што е „Црно семе“) третираат историски прашања, тие се обработуваат како задолжителни четива, во рамки на часовите предвидени за обработка на лектири – велат од БРО.

Оттаму нагласуваат дека комисиите за изработка на наставните програми, составени од универзитетски професори, наставници и советници од Бирото за развој на образованието стручно, професионално и посветено одговараат на предизвиците со кои се соочуваат во развојот на наставните програми усогласувајќи ги со интересот на учениците на „новото време“, како и со потребните компетенции коишто треба да ги стекнат учениците изучувајќи го македонскиот јазик и литература.

– Ние сме отворени за соработка и за разјаснување на сите прашања што се поставуваат и за кои е заинтересирана јавноста, дури тие за првпат да се јавуваат по 4 години од воведување на наставна програма и по голем број дискусии, обуки на наставници и реализирани часови во училиштата – завршуваат од БРО.

Професорка по македонски јазик во хотелско-туристичка насока објаснува дека во последните три гoидни овие наслови повеќе не ги работат со учениците од четврта година.

– Од 2019 година овие три наслови ги немаме во наставна програма. Не добивме образложение зошто, а тоа се важни дела. Воведени се неколку нови наслови – „Разговор со Спиноза“ на Гоце Смилевски, „Скок со стап“ на Драги Михајловски, дела кои се одлични, но забележав дека малку им се тешки на учениците. Во модуларните програми не постои список на лектири, туку дела што се посочени во програмата. Во изминатите три години овие три книги ги нема во програмата. Дури кога прашуваме што да обработуваме ни се посочува – две книги по слободен избор. „Црно семе“ беше дело за обработка.

Порано пред да ги направат модуларни програмите имаше лектирни изданија за секоја година во струките дадени од Бирото, објаснува професорката.

– Тие што беа дадени и требаше да се обработават како лектири, а сега во новите кои се сменети како модуларни нема никаков список на лектирни изданија и на нам со колегите на почеток не ни беше јасно кои лектири да ги обработавме и ни беше посочено да обработуваме две лектири по слободен избор – вели професорката по македонски јазик.

Сподели