Во галеријата „Академија“ на Националната академија за ликовни уметности во Софија синоќа е отворена групната изложба „Средба од десетти вид“. Изложбата е резултат од соработка меѓу македонскиот Културно-информативен центар и Националната академија за ликовни уметности, дел е од проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина. Со настанот започнува и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.

Учествуваат авторите: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц.
Изложбата е составена од над 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 30 јули .
Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува и збогатува. Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат. Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници.
Повеќе информации за проектот „Поврзување“ од минатите години можете да најдете на сајтот на КИЦ.
„Насловот на овогодишната изложба „Средба од десетти вид“ е игра на зборови, избрани со интенција за асоцијативност во перцепцијата. Од една страна тој го вклучува третирањето на необичностите на нашата современост, во кое се изоструваат и поларизираат позиции, мислења, гледишта, естетски преференции… Од втора страна стои љубопитноста на човекот и неговите усилби за раширување на хоризонтите, за изнаоѓање на нови простори на познание, можеби преку средби слични на оние со вонземјани, за кои постојат класификации од областа на уфологијата.
Изборот на авторите од изложбата произлегува од нивната поврзаност и нивната желба за ваков вид на комуникација. Самите автори во контактите помеѓу нив гледаат можност за растење и збогатување на нивниот внатрешен свет, преку одгледување во уметноста на другиот и распознавање на различното убаво. Сите тие имаат утврден творечки пат и силна врска со луѓето околу нив – пишува д-р Иво Пецов, куратор на изложбата.





