„Варшава го исцртува Скопје“ од полската авторка Кинга Нетман-Мултановска

Од печат излезе книгата „Варшава го исцртува Скопје“ од полската авторка Кинга Нетман-Мултановска, во издание на „Бегемот“. Се работи за книга што фрла поглед на голем период од историјата на Скопје, од неговото историско освојување од Османлиите, сè до денешен ден, а главниот акцент е ставен врз огромната помош што полските урбанисти и архитекти несебично му ја даваат на Скопје по земјотресот. Инспиративно, филигрански изработено четиво од кое многумина скопјани ќе дознаат многу нешта за својот град што досега не ги знаеле.

Според Базил Керски, директор на Европскиот центар на солидарноста во Гдањск, „Варшава го исцртува Скопје“ е фасцинантна, многуслојна книга.

– Оваа прекрасна публикација има уште една основна димензија: го прикажува европското наследство преку палимпсестот Скопје – местото каде што се вкрстуваат христијанството, исламот, јудаизмот и атеистичкиот хуманизам. Кинга Нетман-Мултановска раскажува за градот покрај Вардар како за своја мала татковина, зашто ѝ подарил нова перспектива за запознавање на себеси и на својата култура. Љубовта кон ова парче земја ме зарази и мене. Скопје е и наша судбина, наша Европа. Скопје сме ние! – вели Керски“

Книгата е објавена со поддршка од амбасадата на Полска и нашето Министерство за култура.

Сподели