Подобрување на ефикасноста и ефективноста на мрежата на основни училишта е во фокусот на меѓународниот форум кој ќе се почне утрово во 9.30 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Домаќини на форумот се Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска Банка, а ќе присуствуваат и експерти, креатори на политики и практичари за да дискутираат за извлечените поуки и клучните фактори на успех од реорганизацијата на училишната мрежа во европските земји.
Форумот ќе го отворат министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, претставничката на УНИЦЕФ вп Македонија, Патриција ди Џовани и вишиот специјалист за образование од Светска Банка во нашата земја, Бојана Нацева. Главниот говорник на настанот, Лука Боескенс, аналитичар за политики во ОЕЦД, ќе сподели информации за реорганизацијата на училишните мрежи во неколку земји на ЕУ и како тој процес придонесе за зголемена ефикасност и подобар квалитет на образованието. На сесиите ќе присуствуваат и министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, раководителот на оперативниот оддел на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
– За да се одговори на тековните предизвици во образованието, во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование во Македонија. Земјата се соочува со образовна криза, а постигнувањата на учениците се под просекот на Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Огромните демографски промени, намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што може да влијае на резултатите од учењето – велат организаторите.
Тоа продонесе до неефикасна и неправична распределба на ресурсите. Дополнително, најголемиот дел од расходите за основно образование се за покривање плати на училишниот кадар, што остава недоволно финансиски средства за одржување на објектите во добра состојба и инвестирање во модерна опрема, воведување иновативни методи во наставата и учењето и професионален развој на кадарот.
– Зголемувањето на ефикасноста и ефективноста на мрежата на училиштата во основното образование, истовремено обезбедувајќи еднаквост во пристапот до училиштата, е предизвик за многу земји. За да дознаат повеќе за искуствата од други европски земји, учесниците ќе имаат можност да разговараат со експерти од Португалија, Полска, Данска, Норвешка и Бугарија за време на трите сесии посветени на оптималното финансирање, подобрената распределба и искористеност на човечките ресурси во училиштата за подобрена ефикасност и квалитет, спојувањето или проширувањето на училиштата како одговор на демографските промени, обезбедувањето превоз и соодветна средина за префрлените ученици во училишта што нудат подобри услови за учење – велат организаторите.





