Замина писателот и фотограф д-р Владимир Плавевски

Почина Владимир Плавевски, писател и аматерски фотограф, доктор-специјалист по оториноларингологоја. Роден е во Скопје на 11 декември 1948 година. Со аматерска фотографија почнал да се занимава од рана младост, а интензивно излагал на групни изложби меѓу 1973 до 1990 година.

Во седумдесеттите години бил член, а потоа и претседател на Фото клубот „Вардар“ од Скопје (1978 – 1990) како и претседател на Фото сојузот на Македонија (1982 – 1986). Член е на ДЛУПУМ од 1983 година и бил предавач по предметот Фотографија на Факултетот за Драмска уметност во 1993/94 година.

Автор е на сценарија според кои Македонската радио-телевизија снимила повеќе од 40 епизоди од играните серии: „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“. Сценарист е и на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002), „Бои во времето“ (2005, специјална награда „Златен проектор“ на Астер-фест 2006); „Нави“ (2007), а режисер и сценарист на тв филмот „Мултиплеј“ (2008).

За Македонското радио му се снимени девет радиодрами. Неговите драмски текстови „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ (1988) и „Министерот и јас“ (2002) се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје; „Раскол“ во Народниот театар во Куманово (1998); а „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица (2002).

Од 2000 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија. Добритник е на бројни наградаи меѓу кои награда „Стале Попов“ за книгата „Боксерот од Ново маало“.

Фото: Литература.мк

Сподели