По пет просечни плати ќе добиваат добитниците на новите државни награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ кои вчера едногласно поминаа на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и продолжуваат во понатамошна процедура во Собранието. Според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, со предлог-законот ќе се овозможи да се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик и на албанскиот јазик. Според предлогот, државната награда „Блаже Конески“ ќе биде врачена на 19 декември, денот на раѓањето на Блаже Конески, а „Ремзи Несими“ на 25 декември, денот на раѓањето на Ремзи Несими.
Предлогот предвидува стручните, финансиските и административните работи во врска со наградите да го организира Министерството за образование и наука, а во текот на една година ќе може да се доделат по најмногу две награди во секоја категорија.





