Секое дете што ќе ја помине целта е победник и секое дете за нас е супер херој, гласеа пораките на првото издание на „Мини-Трчај бе“ која викендов се одржа во Битола. Повеќе од 500 деца го запоседнаа градското шеталиште и ја истрчаа трката. Илјадна публика навиваше, мотивирајќи ги малите шампиони да стигнат побрзо до целта, без откажување.
– Првото издание на „Мини – Трчај бе“ сакаме да биде мала пресвртница во животот на секое дете-учесник кое имаше шанса да се почувствува и како херој и како победник. Голема заслуга во тоа имаше бројната публика која со овации и аплаузи ги бодреше малите тркачи додека спринтаа до целта – вели Никола Димитровски, основачот на „Трчај бе“.

Никола Димитровски
Градскиот парк и популарното шеталиште беа совршено место за мини-трката, а имаше и бројни забавни активности и интерактивни катчиња кои создадоа дополнително енергична и празнична атмосфера.
За да се обезбеди фер конкуренција и пријатно искуство, учесниците беа поделени во 9 различни категории врз основа на нивната возраст од 4 до 14 години. Од најмладите кои ги направија своите први чекори до поискусните деца тркачи, така што секоја категорија ги покажа уникатните таленти и одлучноста на овие млади спортисти.

– Овој внимателен пристап им овозможи на децата да се натпреваруваат заедно со своите врсници и да го ослободат својот целосен потенцијал. На крај, беа поделени 54 награди за најбрзите по категории. Во оваа група деца сме сигурни дека се идните шампиони на Атлетскиот клуб „Олимп“ од Битола, кој има извонредна историја на рекорди и врвни атлетичари и ова е само уште еден начин да потврдиме дека сме град на атлетиката – велат организаторите.












