Археолoзите откриваат печка или огниште со потковичеста форма на Стоби

Печка или огниште со потковичеста форма откриваат деновиве археолозите во античкиот град Стоби кај Градско. Тие се дел од проектот „Археолошки доистражувања и конзервација на архитектонски делови на Епископската базилика во Стоби“ со кои раководи археологот, д-р Силвана Блажевска. Ископувањата југоисточно од крстилницата на Епископската базилика годинава се фокусирани на откривање на постариот објект од 4 век, чии делови, ѕидови и инсталации за вода, подоцна се искористени во двете фази на крстилницата.

– Но, најпрво се откриваат и документираат помладите стратиграфски слоеви кои датираат од крајот на живеењето на градот, доцниот 6 или раниот 7 век – велат од Стоби.

На единствениот археолошки локалитет во Македонија кој функционира како посебна национална установа паралелно се спроведува уште еден проект – Конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на објект Римски театар, со кој раководи археологот м-р Гоце Павловски. Проектот се спроведува 11-та сезона по ред.

Реализиран е проектот „Археолошко доистражување и изработка на Основен проект за конзерваторско реставраторски работи на плоштадот пред јужната порта во Стоби“ со кој раководи археологот м-р Јован Радњански, археолог.

– Годинава фокусот беше на довршување на отпочнатите конзерваторско раставраторски работи на куртината А (сегмент) од т.н. јужно градско утврдување кои се спроведуваат во континуитет од 2020 година. Покрај конзерваторските зафати паралелно се изведуваа археолошки истражувања на мал дел од поплочениот плоштад пред влезот на јужната порта од внатрешна страна. Целта на археолошките истражувања годинава е утврдување на стратиграфска слика за слоевите под поплочениот плоштад кој се простира на поголема површина пред ново откриениот влез во градот - велат археолозите што го истражуваат Стоби.

Јужната порта во Стоби е откриена во 2010 година, а истражена е во периодот помеѓу 2020 и оваа година. Портата е изградена во 1 век и служела како влез во градот до 6 век, кога била заѕидана со новоизграденото јужно утврдување по што целосно излегува од употреба.

Насловна фотографија: НУ „Стоби“

Сподели