Илјадници луѓе на отворањето на Прашкото квадриенале – претставен и македонскиот павилјон

Куратори на изложбата „Градот како сцена“се добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васев

Со специјален перформанс во јавен простор завчеравечер беше отворено Прашкото квадриенале. Илјадници луѓе присуствуваа на најголемата меѓународна културна манифестација посветена на дизајнот на перформансот и просторот. Премиерно беа отворени изложбите на сите павилјони, меѓу кои и македонскиот Национален павилјон. Куратори на изложбата „Градот како сцена“се добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васев. Делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска го користат градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни. Во Студентскиот павилјон пак, куриран од Кристина Леловац и Филип Јовановски учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска.

– Особено ми е драго што успеавме да одржиме континуитет со наше присуство на овој мултижанровски интернационален настан и да го претставиме тоа што го работиме, а згора на тоа и со студентско присуство, за прв пат од основањето на Прашкото квадриенал – вели Васева.

Огнен Марина, професор и декан на Архитектонски факултет е дел од „Градот како сцена“. Тој вели дека основната педагошка и научна парадигма на факултетот и пристап во изучувањето на изградената средина, архитектурата и урбанизмот е низ архитектонскиот проект.
– Поради тоа, факултетот во континуитет инвестира и ги развива своите педагошки, научни и истражувачки активности кои им овозможуваат на студентите и на младите истражувачи подобро разбирање на градовите како главен медиум низ кој се изучува архитектурата. Комплексноста на градовите наметнува иновативни и алтернативни педагошки и научни пристапи во истражувањето и разбирањето на феноменот на урбаната форма и урбаниот развој – вели Марина.

Според него ова е извонредно искуство за студентите од Архитектонскиот факултет кои се дел од тимот и кои имаат уникатна можност да истражуваат нив сосема нов инструмент на разбирање и креирање на градовите збогатувајќи го знаењето и разбирањето не само за нашите градови, туку и за нашето општество во целина.

Анастасија Пандиловска, една од учесничките во националниот павилјон, го објаснува перформансот и неговото значење врз публиката, но и за нашата држава.
– „Градот како сцена“ е перформанс што се чувствува како дома на Прашкото квадриенале токму поради тоа што не се чувствува удомено меѓу големите структури што го опкружуваат нашиот павилјон. Просторот постепено се отвора со промената на секој чин, со секоја нова изведба, повикувајки на една друга хаптикалност која не се поврзува со публиката преку сетила, туку ја насетува наклонетоста за едни со и кон други битија, структури, материи – вели Пандиловска.

Целиот настан е големо искуство и за студентите од Архитектонскиот факултет, кои имаат уникатна можност за истражување и перспективи во иднина.
– Ова е возбудливо и колаборативно патување. Како член на креативниот тим, процесот започнува со наплив на возбуда и љубопитност. Сесиите и дискусиите на идеи овозможуваат истражување на различни идеи и перспективи, поттикнувајќи чувство на инспирација и можност. Откако концептот ќе се обликува, се развива динамичен процес на дизајнирање – вели Тамара Џерков, една од учесничките на Студентскиот павилјон од Архитектонскиот факултет Скопје.

Сподели