Во рамките на 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“- Прилеп денеска во 11 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе се одржи промоција на книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ во превод на Марио Стојаноски.
За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски.
Проектот е поддржан од програмата РЕАД на Гете-институт од Скопје.
Милорад Павиќ (1929 – 2009), романсиер, раскажувач, поет, драмски автор и историчар на литературата. Една од најзначајните фигури во југословенската и српската книжевност на 20 век. Меѓу извонредно плодното творештво, за најзначајни негови дела се сметаат романите „Хазарски речник“, „Предел сликан со чај“ и „Последната љубов во Цариград“, збирките поезија „Палимпсести“ и „Месечев камен“, десетиците збирки раскази, како и драмите „Кревет за тројца“, „Стаклениот полжав“ и „Засекогаш и ден повеќе“. Добитник на завиден број регионални и светски награди. Преведен на повеќето светски јазици. Кандидат за Нобелова награда за литература.
Оваа книга, „Две интерактивни драми: Кревет за тројца и Стаклениот полжав“, е обид пред македонската читателска публика да се претстави драмското творештво на овој исклучително плоден автор и со тоа да се комплетира сликата за неговите сестрани книжевни остварувања. „Кревет за тројца“ е драма што посегнува по првата приказна на човештвото, онаа за Адам и Ева, и што низ низа мотиви обработува севременски прашања и проблеми: бракот, семејството, положбата и улогата на мажот и жената во домот и во општеството, а и рамнотежата помеѓу доброто и злото. „Стаклениот полжав“, пак, претставува редица заемно поврзани работи што се случуваат на Бадник и отвораат теми како љубовта и дарежливоста. Повикувајќи се на разни мотиви од книжевно-историското минато на светот, што несомнено е карактеристично за Павиќ, оваа книга повлекува временска дијагонала во обработката на темите на мошне остар и мајсторски начин.





