Во Македонскиот народен театар во Скопје вечерва во 21 часот премиерно ќе биде изведен проектот „Поетроника“ на актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе. Покрај спецификата дека станува збор конкретно за македонско поетско творештво опфаќајќи ги хронолошки сите генерации поети, „Поетроника“ се разликува од сите досегашни слични обиди во самиот пристап кон наративот и се труди да ги избегне стереотипите за тоа како се интерпретира и каква музичка форма прилега на едно поетско изразување.
– Така, методологијата кон самата нарација е повеќе драмска што значи дека од примарно значење е намерата, поттекстот и емоционалната состојбата на поетот или нараторот преку еден минималистички разговорлив израз на сметка на дикцијата или клишеизираната мелодија/боја на гласот. Не ретко фразите стануваат и репетитивни како мантри што во суштина е една од основните карактеристики на современата електронска музика. Конечно, Поетроника претставува повеќе од едночасовен музичко-сценски електронски акт, односно перформанс во живо кој ќе биде изведен од страна на неговите творци, актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе како резултат на нивната посветеност и повеќемесечно експериментирање – велат од МНТ.
Фптп: Мартина Пенева





