Верувам дека средбата меѓу гостите кои ни доаѓаат и ансамблот ќе вроди со плод и ќе понуди ново естетичко доживување на публиката, а познавајќи ги ракописите на двајцата режисери, не се сомневам во тоа – вели Сашо Димоски, директор на театарот во Велес.
Две големи имиња на европскиот театар – Андриј Жолдак и Дијана Добрева ќе гостуваат во Велес и ќе работат претстави со велешкиот ансамбл. Ново искуство за актерите од овој ансамбл, кои ќе можат и преку работилници да влезат во светот на овие режисери. Украинскиот режисер Жолдак ја постави „Електра“ во Македонскиот народен театар во 2014 година. Додека Добрева учествуваше на фестивалот на античката драма „Стоби“ со претставата „Одисеј“ и ја освои Гран при. Проектот „Манифест“ обединува повеќе поединци и институции, а за него повеќе ни споделува Сашо Димоски, директор на театарот.
Андриј Жолдак и Дијана Добрева ќе работат заеднички проект кај вас. Како дојде до соработката со овие значајни имиња на европскиот театар?
– Проектот „Mанифест “ е изграден од голем број активности кои ротираат околу две претстави – по една потпишана од Андриј Жолдак и Диана Добрева. Кога им го понудив како концепт за заеднички проект со единствена крајна цел кодирана во насловот, овие импресивни автори со задоволство го прифатија. Станува збор за сложен проект кој е планиран да се реализира во 2023 и 2024 година и кој обединува мноштво партнери. Целта на овој проект е преку двата автентични ракописи на режисерите, нивните соработници и актерите, да се испише еден од возможните манифести на нашето театарско време.
За каков проект станува збор и дали е копродукција со друг театар?
– Двете претстави се во копродукција меѓу Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија – една од водечките театарски куќи во државата.
Првата претстава, која ја потпишува Жолдак, започнува со подготовки во јуни, а се поставува според текстот „Едвард Втори“ од Кристофер Марлоу, во авторски прочит на режисерот и неговите соработници. Партнери на проектот, покрај Пловдивскиот театар, се фестивалот „Охридско лето“ кој ќе ја угости премиерата на претставата, предвидена за 6 август, Универзитетот „Еуропа Прима“, чии студенти ќе бидат гости на работилниците со режисерот кои се дел од проектот, како и Агенцијата за млади и спорт на Македонија, Бугарскиот културно – информативен центар во Скопје, амбасадата на Украина и други. Проектот е дел од Годишната програма за остварување национален интерес во културата на Министерството за култура, буџетиран со 2.000.0000 денари.
Подготовките за втората претстава, односно втората фаза од проектот, се планирани за декември, а од лабораторискиот пристап кон актерите и тематските работилници со Добрева ќе се произлезе и конечниот наслов/темат на проектот, кој засега има само работна рамка.
По „Инферно“, која е физички многу изискувачка претстава, вашиот ансамбл е исправен пред нов голем предизвик. Каква е реакцијата на актерите? Постои ли возбуда во ансамблот?
– „Инферно“ постави високи критериуми и за актерите, но и за публиката. И во оваа смисла – секоја нова средба со нови автори е нов предизвик, ново искуство, нова и различна возбуда, ново раснење. Верувам дека средбата меѓу гостите кои ни доаѓаат и ансамблот ќе вроди со плод и ќе понуди ново естетичко доживување на публиката, а познавајќи ги ракописите на двајцата режисери, не се сомневам во тоа.
Иако е рано, но дали имате некаков план за меѓународен пласман на „Манифест“?
– Во преговори се учествата на неколку значајни фестивали во регионот, а стратегијата за пласман во иднина исто така се развива во постојана комуникација со потенцијални фестивали, други платформи и видови соработки. Секако – присуството на овие автори, во веќе постоечкиот тренд на сцената на Велешкиот театар, е во насока на негово форматирање во значаен театарски центар во регионот.





