Најважниот квалитет на Скопје е неговата способност да се менува, на добро или на лошо. Повеќето градови стануваат жртви на сликата на она што некогаш биле и неверојатно напорно работат да ја зачуваат својата романтичната верзија, вели Диксит
Историски е докажано дела Скопје е подготвено да најде начини да се трансформира за да одговори на тековните потреби и пречки на своите жители, независно дали се работи за земјотрес, загадување или проблематични режими. Град што е подготвен да се менува е основен квалитет што овозможува подобра иднина, вели американскиот архитект Митеш Диксит кој деновиве престојува во Скопје. Тој е еден од модераторите на големиот симпозиум „Проект Скопје“ кој во среда и четврток (7 и 8 јуни) ќе се одржи на Архитектонскиот факултет во Скопје. Диксит е архитект, политички географ, основач на „Домејн офис“, студио за архитектура и урбанизам со база во Торино, Италија. Фокус во неговата работа е клучката помеѓу владините политики, општеството и културата.
Доаѓате во Скопје да модерирате неколку панели во рамките на симпозиумот „Проектот Скопје“. Која беше главната провокација за Вас како архитект да учествувате на собирот?
– Тука сум пред сè заради деканот на Архитектонскиот факултет, проф. Огнен Марина. Прв пат се запознавме во декември 2017 година кога тој ме покани да одржам предавање на факултетот. Тогаш не се познававме и тој нема да признае, но мислам дека во тоа време не знаеше што да очекува од еден Индиец, односно Американец кој живее во Холандија. Но, сепак дојдов (тој сепак ризикуваше), a останатото е историја. По предавањето ме однесе на вечера што траеше повеќе од три часа, а најмалку 90 минути зборувавме за симпозиумот „Проект Скопје“. Долги години овој настан е негова визија и амбиција и како архитект, пријател и академски колега, знаев дека тој мора да се случи од три причини:
• Многу архитекти од западот не знаат ништо за настаните после земјотресот во 1963 година, како на пример планетарниот напор да се реконструира еден град и култура или значењето на таквиот проект за можеби најважното движење на 20 век – Метаболизмот.
• Од 2015 година. патувам низ Балканот, односно низ поранешна Југославија најмалку 12 недели годишно и верувам дека ваков настан му е потребен регионот кој понекогаш не се сеќава, не го почитува или го потценува своето значење во обликувањето на архитектурата и урбанизмот во 20 век.
• Проф. Огнен Марина – верував во него и неговата визија и сакав да направам сѐ што можам за да му помогнам да го реализираме овој настан.
Едно од Вашите претходни истражувања се однесува на градење на архитектонските пајсажи и границите на Балканот. Што забележувае во културниот контекст на Балканот, покрај политичките и географските гранаици? И во каков контекст би ја сместиле Македонија?
– Преку позиција во Стејт департментот на САД како гостин-професор во 2016 година имав можност да патувам низ регионот, каде одржав шест различни предавања во шест градoви во текот на три недели и бев соочен со територија која се чинеше дека им пркоси на големите политички идеологии во последните неколку векови и која бара пат напред. Згора на тоа, младите архитекти и студенти во секој од градовите не ја следеа „корпоративната кариерна култура“ што е честа во САД. Нивните погледи на образованието, политиката и архитектурата беа радикално различни од оние на еден типичен американски студент и беа многу поинспиративни.
Во тоа време ме заинтригира политичката, географската и културната трансформација на Македонија низ времето, а најмногу критичниот историски настан што ја обликувал земјата и тоа како архитектурата како „инфраструктура“ одиграла фундаментална улога во овие клучни настани. Следната година ја поминав истражувајќи го моето „претчувство“, обидувајќи се да пронајдам компаративен атлас на регионот, но безуспешно. Така, есента 2017 година, формално почнав да го проучувам Балканот, вклучително и Република Северна Македонија, преку објективот (од аспект) на критичката картографија. Амбицијата е да се документира вкрстувањето на конфликтните режими во специфични регионални моменти и да се разоткрие односот помеѓу архитектонската форма и политиката преку истражување на територијалната трансформација.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година го испирираше светот и повеќе од 90 земји се вклучија во солидарната обнова на градот. Во последните 60 години човештвото сведочело и поголеми природни катастрофи. Зошто Скопје му беше важен на светот?
– Скептично, би рекол дека тоа се должи на нејзината географска позиција меѓу „западот“ и „истокот“ – како што најверојатно знаете, ова беше затегнат момент во Студената војна меѓу САД и СССР, а Македонија, верувам, беше можност за едната или другата страна да ја воспостават својата позиција во регионот кој навидум не беше заинтересиран да се придружи никому. Позитивно размислување би бил Ернест Вајсман. Иако проектот и уништувањето го споија светот, тоа беше заради тоа што некој се осмели да ги освести другите за катастрофата и да се заложи за причината и неопходноста тој проект да се реализира. Се разбира, како и во многу други ситуации, никогаш не постои „само една“ причина, но најверојатно овие две ситуации – политичката стратегија и напорите на една личност – беа клучни за создавање на коалициија од над 90 земји.
Ќе модерирате два панела – Present project и Future project. Во каква кондиција е денешно Скопје и какви се идните урбанистички потенцијали на градот?
– Најважниот квалитет на Скопје е неговата способност да се менува, на добро или на лошо. Повеќето градови стануваат жртви на сликата на она што некогаш биле и неверојатно напорно работат да ја зачуваат својата романтичната верзија, но Скопје е град кој постоел во конзистентна состојба на трансформација и доживеал радикално различни идеологии кои ја движеле неговата трансформација. Но, ова е критичен аспект на инклузивноста и оваа способност да се менува и да сака да се менува, согласно потребите и барањата на тој конкретен историски момент, според мене е можеби она што го дефинира градот.
Во последните десет години Скопје е еден од најзагадените градови во светот. Од идејата на Кензо Танге за модерен град, до проекти и урбани решенија кои го ставија Скопје на мапата на најбизарни градови во Европа. Во овој синџир на погрешни одлуки, која е првата точка во модерниот пристап на изградба на модерно и урбано Скопје?
– Грешките се суштински и токму поради овие грешки Скопје е град каков што е. Не би ги опишал одлуките како „погрешни“ затоа што е невозможно да знаете што би била „правилна“ одлука. Мислам дека Скопје на луѓето им е „бизарно“ затоа што повеќето од нив имаат вообичаено сфаќање на градот од западот. Не постои онтолошка работа као град, ОН имаат над 107 правни дефиниции за тоа што е град. Ако некому Скопје му е „бизарно“, можеби тоа е поради нивната неимагинативност бидејќи не ја разбираат различноста, сложеноста и богатството што ги нуди град како Скопје. Се согласувам дека загадувањето е страшно, но проблемите не можеме да ги решаваме еден по еден. Бидејќи градот е живо суштество и сите негови делови се меѓусебно поврзани, треба да ги испитаме патиштата, домувањето, индустријата, отворените простори, градбите и сите нивни врски, за да развиеме решенија за проблемот со загадувањето. Но, добрата вест е дека Скопје е историски докажано подготвено да најде начини да се трансформира за да одговори на тековните потреби и пречки на своите жители, независно дали се работи за земјотрес, загадување или проблематични режими. Град што е подготвен да се менува е основен квалитет што овозможува подобра иднина.





