Муд Морганфилд, синот на славниот блузер Мади Вотерс го круниса четвртото издание на скопскиот Котон блуз фестивал, потврдувајќи го неговото длабоко блуз-педигре. Морганфилд ја одушеви публиката со неговиот моќен вокал и харизматичното присуство на сцената, а самиот беше пријатно шокиран од бендот што го пратеше на сцената, локалните „Ин д муд“, но овој пат во проширен состав – Сашо Ѓорѓевски на усна хармоника, Никола Петровски на гитара, Горан Попоски на тапани, Оливер Јосифовски на контрабас и Филип Димушевски на клавијатури.
– Ви се верува ли дека немавме ниту една проба со момциве. Колку би сакал да си ги спакувам со мене и да си ги однесам назад во Чикаго – рече Морганфилд пред прополната сала во МКЦ.

Втората вечер ја отвори Ади Имери со соло настап, кој во најмала рака може да се карактеризира како уникатно инструментално доживување со кое ги замолна присутните во салата и им го зграби целосното слушачко внимание.
Ден претходно на фестивалот настапи Мухамед Ибраими со соло концерт. Веќе познат на јавноста, Ибраими повторно покажа дека е вистински музички уникат и направи одлична атмосфера. По него свиреа „Троја бенд“ од Радовиш со гостинот Игор Атанасоски или попознат како Гуру Харе, додека првата вечер заврши со мистичниот настап на триото од данска Трејнман.
– Ова е нашот најуспешен фестивал досега. Благодарност до сите што присуствуваа. Мислам дека покажавме дека скопската публика е желна за вакви настани и следната петта јубилејна година се надеваме ќе биде уште поуспешна – порачаа организаторите, здружението „Блуз Фамилија“.
Фото: Марија Ѓаковска





