Пред 44-годишната Французинка, во 76 години постоење на светскиот фестивал, „Златна палма“ освоија Џејн Кемпион за „Лекција по пијано“ (1993) и Жилија Дикурно во 2021 година за „Титан“.
Филмот „Анатомија на падот“ (Anatomy d’une chute) на француската режисерка Жистин Трие ја освои „Златната палма“ за најдобар филм на 76. Филмски фестивал во Кан. Трие (44) стана трета режисерка наградена со „Златна палма“ во историјата на Канскиот фестивал. Пред неа тоа беа Џејн Кемпион за филмот „Лекција по пијано“ (1993) и Жилија Дикурно во 2021 година за филмот „Титан“. 21 филм беа во трка за главната награда на светскиот фестивал. Наградите беа доделни синоќа.
За најдобар режисер е прогласен Тран Ан Хунг за филмот „Пасијата на Доден Буфан“ (La Passion de Dodin Bouffant). За филмот „Паднати лисја“, режисерот Аки Каурисмаки ја доби наградата на жирито. Наградата за најдобро сценарио ја доби Сакамото Јуџи за „Чудовиште“ во режија на Коре-Еда Хироказу.
Најдобра актерка е Турчинката Мерве Диздар за улогата во филмот „За сувите треви“ (About Dry Grasses) во режија на Нури Билге Џејлан. Најдобар актер е Коџи Јакушо за улогата во филмот „Совршени денови“ на Вим Вендерс.

Гран-прито на жирито го освои Џонатан Глејзер за филмот The Zone of Interest („Зона на интерес“) за секојдневниот живот на нацистичкиот командант од Аушвиц. На овој начин жирито испрати порака за застрашувачката баналност на злото, вели агенцијата Франс прес.
Претседател на жирито беше шведскиот режисер Рубен Остлунд, минатогодишниот добитник на Златната палма за филмот „Триаголник на тагата“. Заштитно лице на фестивалот годинава беше француската актерка Катрин Денев со нејзиниот огромен портрет на влезот од палатата – црно-белата фотографија од 1968 година од продукцијата на „Ла чамада“ во режија на Ален Кавалиер.

фото: Максанс Паре (Фестивал Кан)
Филмот кој годинава привлече внимание е „Жан де Бери“ на францускиот режисер Мајвен. Нејзиниот филм е приказна за миленичката на кралот Луј Петнаесетти, кој го игра Џони Деп, кој присуството во Кан го доживеа многу емотивно, откако заврши голготата со неговиот развод со Амбер Херд и обвинувањата за семејно насилство.
На маргините на фестивалот, кој започна на 16 мај, имаше протести на францускиот синдикат CGT, организатор на протестите против пензиската реформа во Франција. Тие собири поминаа без поголеми инциденти, а фестивалот, како и изминатите години, го обезбедуваше полицијата, која претходно посочи места каде собирите се забранети.





