Околу 40 филмови ќе бидат прикажани на 13. Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) кој ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотеката на Македонија. На отворањето му претходи Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ која ќе се одржи во четврток и петок, на која ќе има 18 гости и 24 учесници. На Конференцијата во 6 сесии ќе учествуваат реномирани истражувачи во оваа област од САД, Канада, Романија, Босна и Херцеговина, Шведска, Италија, Швајцарија, Турција, Шпанија, Велика Британија и од други земји. Главни говорници ќе бидат светски познатите професори во ова подрачје на истражување, Дејвид Стерит од САД и Луси Болтон од Велика Британија.
Програмите во натпреварувачка категорија и фокусот на режисерот Годар на фестивалот го претстави директорката Ана Дишлиеска-Митова.
– И ова фестивалско ќе понуди богата филмска програма на современи филмски остварувања, како и филмски класици кои што се надеваме дека ќе бидат доволна провокација за посетителите и вљубениците во филмот и особено во филозофската димензија на седмата уметност – рече Дишлиеска-Митова.
На фестивалското отворање ќе му претходи музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика. По нивниот перформанс премиерно ќе биде прикажан филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков кој ќе биде специјален гостин и по проекцијата ќе се одржи Q&A сесија. Освен Трајков, на фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината – Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман. На фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Совршен број“ (2022).
Мотото на годинешното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот филмски великан од францускиот Нов бран, Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготвува специјален интерпрограмски фокус. Богатата фестивалска програма е организирана во повеќе програмски сегменти: Ревијална програма: филм-философија; две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови: Придружна програма (со Фокус Годар); Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти – превод на „Вајање во времето“ од Андреј Тарковски и (ре)издание на есеи од Милчо Манчевски со естетска и филмско-теориска проблематика.
Селектори на фестивалот се: проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на долгометражни филмови; д-р Дејан Здравков, селектор на краткометражни филмови; додека за Ревијалната програма, во соработка со гостите на Фестивалот, се задолжени Слаѓан Пенев и Ана Дишлиеска-Митова.
Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови, сите за првпат прикажани во Македонија, меѓу кои и една македонска ко-продукција – „Некрстени денови“ на нашиот познат режисер Иво Трајков кој долги години живее, твори и предава на престижната FAMU во Прага.
Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.
Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска). За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав: Ивана Мирчевска (интердисциплинарна уметница и истражувачка), Том Докал (филмски критичар, Луксембург) и Ана Јакимска (режисерка и сценаристка).
Фестивалот го организира Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура во соработка со Кинотеката, Филозофскиот факултет при УКИМ, шпанската и полската амбасада во земјава и други. Постерот за фестивалот го изработи Катерина Тери Николовска.





