Во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија во сабота ќе се одржи Фестивал на стари игри. На отворениот простор околу музејот ќе бидат презенторани повеќе традиционални друштвени игри: ластик, плочка, скокање јаже, народна, хулахоп, летање змеј и многу други. Ќе учествуваат ученици од повеќе основни училишта од Делчево, Кавадарци, Охрид, Скопје и од Тетово.
– Целта на овој фестивал е интерактивно учество на децата и младите преку спортски, друштвени и борд игри, запознавајќи се меѓусебно и преставувајќи ги традициите од реоните од кои доаѓаат. Настанот е предвиден да се оддржи на отворено пред Музејот на Македонија и дворот на Куршумли ан за да привлече внимание на јавноста и што поголема посетеност – велат од Асоцијацијата „Детски свет“, организатори на фестивалот.
Влезот ќе биде слободен, а на посетителите ќе им биде овозможен и бесплатен влез во музејот. Настанот ќе биде проселден со неколку музички настани со различен жанр на музика презентирајќи не само традиционални песни и ора туку и нивни современи обработки на актуелни македонски композитори.





