На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечерва во 20 часот ќе биде изведена премиерата на „Аудиција“ од Александар Галин, во режија на Владимир Милчин. Преводот е на Сузана Киранџиска, а за изборот на музиката се погрижи Ема Маркоска Милчин и режисерот Милчин.
Сценографијата е на Крсте С. Џидров, а костимографија – на Марија Пупучевска. Улогите ги толкуваат: Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.
Горчливата комедија „Аудиција“, напишана 2000 година зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Мајсторски напишаната пиеса е со динамичен развој на дејствието полно со пресврти. Битката за подобар живот ги дроби и изобличува ликовите кои се фрлени да пливаат во казан во кој нема да потонат само оние кои ќе се откажат од човечноста.





