Со бесплатен влез, музеите во земјава денеска ќе го одбележат 18 Мај, Меѓународниот ден на музеите. Секоја институција посебно ќе го одбележи празникот. За поголема промоција на културното наследство на Охрид и Охридскиот регион Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид ќе ги претстават виртуелните реконструкции на гробницата од македонски тип кај локалитетот „Караѓулевци“ и римската гробница кај локалитетот „Видобишта“. Виртуелните реконструкции ќе бидат проектирани во просториите на спомен куќата на Христо Узунов.
– Апелираме до сите кои се во можност, а посебно до претставниците на помладите генерации да ја искористат оваа прилика да се запознаат со значајното културно наследство со кое располага нашиот град – велат од музејот.
„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото под кое денеска ќе биде одбележан 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите, ќе поставуваат изложби, ќе организираат промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.
Од Министерството за култура велат дека музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, можат да инспирираат, да образоваат и да иницираат позитивни промени во различни аспекти на животот за сите нас. Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста, до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.





