Скопје и Сараево заеднички ќе го заштитуваат културното наследство

Македонија и Босна и Херцеговина ќе соработуваат во областа на заштитата и промоцијата на културно-историското наследство. Меморандумот за соработка завчера го потпишаа Константин Димитровски, в. д. директорот на Конзерваторскиот центар од Скопје и Борис Трапара, директор на Кантоналниот завод за заштита на културното, историското и природното наследство од Сараево.

Со потпишувањето на документот се поттикнува директна соработка и размена на експерти и информации меѓу двете сродни институции и воспоставување непосредни контакти во областа на музеологијата, археологијата, етнологијата, историјата, архитектурата и историјата на уметноста. Исто така, ќе се овозможи размена на искуства преку спроведување заеднички активности, како: изложби, промоции, манифестации, настани, јавни трибини и други настани.

Двете институции ќе изработуваат заеднички публикации, ќе организираат заеднички изложби и други заеднички активности од областа на музеологијата и заштитата на културното наследство.

Сподели