Литературно-музичко матине во Прилеп посветено на турската поетеса Гонџа Озмен

Во преполната кафe-галерија „Лувр“ во Прилеп, вчера се одржа промоција на збирката „Не кажувај никому“ од турската поетеса Гонџа Озмен, во препев на Наташа Забрченац и Звонко Димоски. Книгата е објавена од „Лаг Агро Лидер“, во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чуј уредник е Димоски, а проектот поддржан е од Програмата РЕАД, реализиран од Гете институтот-Скопје.

Промоцијата беше смислена и реализирана во форма на литературно-музичко матине, во кое присутните гости активно учествуваа со прашања и интерпретација на поезијата на Гонџа Озмен. Стихови интерпретираа Игор Трпчески, Ели Милошеска, Лина Димоска, Марина Тошеска и Андријана Дукоска придружувани од Методија Костоски на електрично пијано. Посетителите можеа да дознаат што мислат другите за поезијата на Озмен, односно какви чувства истата буди, благодарение на малата наративна изложба на доживеани чувства од 20-ина читатели, поставена на местото на одржување на настанот.

Авторката им се обрати на присутните преку платформата „Зум“, разговарајќи за поезијата и нејзиното влијание врз луѓето, женскиот аспект во уметноста и застапеноста на жената во неа, творењето на малку познати јазици, како и важноста на литературата на малите јазици. Присутните во преубава атмосфера непосредно се вклучија во дијалог со авторката и неколку пати, на турски и македонски јазик, заемно читаа поезија. Промоцијата беше збогатена и со претходно реализирани аудиоснимки, на кои Озмен во соработка со турски музичари ја интерпретира својата поезија.

Сподели