11 поети и писатели ќе учествуваат на „Македонската книжевна визита“ во Софија

Во рамките на манифестацијата ќе се реализира и книжевен портрет на современиот македонски поет, проазист, есеист, преведувач, универскитетски прфесор, Владимир Мартиновски.

11 македонски поети и писатели од сите генерации денеска до сабота во Софија ќе учествуваат на 14. „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.

Организатор на оваа традиционална манифестација е книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерството за култура.

Годинашната „книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач и универзитетски професор Владимир Мартиновски, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија
Капушевска Дракулевска. На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Мартиновски на македонски и на бугарски јазик, а со поздравна беседа ќе се обратат и претседателот на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и Кристина Николовска, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

Втората клучна содржина на Четиринаесеттата македонска книжевна визита во Софија е големиот бугарско-македонски поетски митинг на кој оваа година ќе земат учество: Анжела Димчева, Бранко Цветкоски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева – Златева, Атанас Звездинов, Зоран Јакимовски, Маја Панајотова, Петар Андасаров, Јовица Тасевски – Етернијан, Надја
Попова, Лидија Размоска Тримовска и Владимир Левчев.

Во знак на почит и сеќавање на големиот бугарски поет Љубомир Левчев, добитникот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, ќе биде одржан омаж по повод 88-годишнината од неговото раѓање, при што проф. д-р Кристина Николовска ќе одржи пригодна беседа.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е
поетесата и голем двигател на писателските врски и соработка меѓу македонските и бугарските писатели, асоцијации и книжевни манифестации – Роза Бојанова, една од врвните современи поетеси на Бугарија.

Учесниците на манифестацијата оваа година ќе го посетат спомен-домот
на поетот Христо Смирненски.

Сподели