Наградата „Ванѓа Чашуле“ за литературен превод од шпански и португалски јазик во периодот од 2015 до 2022 година ја доби Игор Поповски. Признанието го доделува издавачката куќа ТРИ од Скопје, а на преведувачот му беше врачена на Саемот на книгата. Поповски се закити со оваа награда за преводот од шпански на македонски јазик за книгата „Празникот на прчот“ од Марио Варгас Љоса, во издание на „Полица“, објавен во 2018 година.
Оваа книга е динамично четиво, политички трилер од познатиот перуански романсиер, драматург, новинар, политичар и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 2010 година, а од ноември 2021 и член на Француската академија.
Од комисијата во состав од академик Илија Чашуле, професор Лилјана Митковска и Калиопа Петрушевска, потврдуваат дека преводот на „Празникот на прчот“ е деликатна задача, пред сè, заради богатството и колоритната лексика на шпанскиот јазик, како и суптилните стилски одлики на писателот што се доблесно отсликани во македонскиот превод на ова значајно дело за светската литература.
Во најтесниот избор влегоа „Просечен индекс на среќата“ од Давид Машадо, превод од португалски јазик на Ненад Трповски, издание на „Антолог“ – Скопје, 2018, романот „Татковина“ од Фернандо Арамбуру, превод од шпански јазик на Катерина Јосифоска, издание на Артконект ДОО – Скопје, 2021, романот „Абадон, уништувачот“ од Ернесто Сабато, превод од шпански јазик на Ненад Велковски, издание на „Три“ – Скопје, 2016.
Со доделувањето на оваа награда се продоложи традицијата и истовремено се одбележа стогодишнината од раѓањето на македонската преведувачка, историчарка, публицистка, учесничка во НОБ и носителка на „Партизнска споменица 1941“.





