Јубилеен 50. државен натпревар по класични јазици за средношколци

На Филозофскиот факултет во Скопј денеска во 10.30 часот ќе се одржи јубилејниот 50. државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Македонија. Ќе учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Тие ќе се натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво за гимназија латински и старогрчки јазик и почетно ниво здравствена струка латински јазик.

– Државниот натпревар по класични јазици финансиски и организациски го поддржува Философскиот факултет. Во организацијата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот и да го посетат Археолошкиот музеј при Философскиот факултет – велат организиатприте, Здружението „Антика“ и Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет.

„Антика“ постои од мај 2001 година, како здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во нашата земја и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации „Еврокласика“ (EUROCLASSICA), којашто претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји, а од 2014 година е член и на меѓународната федерација на здруженија на класични филолози FIEC (The International Federation of the Societies of Classical Studies), која се стреми кон промовирање на истражувањата во сите полиња што се поврзани со античката грчка и римска цивилизација.

Сподели