Автор на годината меѓу два саема е професорот и академик Влада Урошевиќ. Влада Урошевиќ е еден од нашите најпознати книжевни и културни дејци, кои твори во речиси секој жанр, а се занимава и со книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод, беше истакнато денеска на доделувањето на наградите на Македонската асоцијација на издавачи.
Оваа година дефинитивно е негова година и комисијата сметаше дека тоа треба да се одбележи давајќи му го и оддавајќи му го и ова признание. Инаку, во изминатиот период Урошевиќ издаде две книги: романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, во издание на „Арс ламина“, кој ја доби наградата Роман на годината, и збирката раскази „Вонземјанки“ во издание на „Или-Или“ – вели комисијата во состав: Владимир Јанковски, Дарко Јан Спасов и Ивица Спасовски.

Урошевиќ се заблагодари за наградата и истакна дека има уште дела што не успеал годинава да ги објави. Наташа Андонова од МАИ посочи дека од година в година расте квалитетот на изданијата и дека не било лесно да се изберат најдобрите.
Наградата за најдобра едиција ја доби едицијата „Пегаз“ на „Арс Ламина“. Второ место доби едицијата „Старо купувам“ („Темплум“), а трето – „Безвременски“ на „Три“. Првата награда во категоријата „најдобра едиција“ комисијата ја доделува на едицијата „Пегаз“ во издание на „Арс ламина“. Во рамки на оваа едиција се објавуваат победничките, но и книгите кои влегуваат во потесен избор за наградата Пегаз, која се доделува за најдобар необјавен роман. Комисијата смета дека оваа едиција од сите што беа во конкуренција се истакнува како едиција со најиздржан концепт, која придонесува многу за афирмација на домашните и познати и не толку познати писатели и на македонскиот роман како жанр.
Првото признание за најдобар дизајн на корица го доби Александра Софрониеска за „Баскервилскиот пес“ од серијалот за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл, во издание на „Арс ламина“. Второто место го освои Ана Ќортошева за „Мала книга на стапици“ од Горан Стефановски („Три“), а третото место за корицата на „Телото во кое треба да се живее“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески „Полица“. Првото место е за корицата на „Баскервилскиот пес“ од серијалот за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл, дизајнирана од Александра Софрониеска. Комисијата смета дека оваа, но и останатите корици од овој серијал во издание на „Арс ламина“, се навистина највредно дизајнерско дело од сите номинирани книги во оваа категорија, затоа што станува збор за „дизајн од нула“, целосно исцртани илустрации кои го доловуваат духот на содржината на приказните за Шерлок Холмс, а во исто време се модерни и допадливи, со што го привлекуваат современиот читател да ги земе во раце овие класични дела.
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание освои „Огледало во Македонија“ од Нил Фолберг, графичко уредување на Емилија Харалампиева („Арс ламина“). Второто место е за „Основните проблеми на режија“ од Хуго Клајн, графички уредено од Ника Гавровска („Гаврош“) Книгата „Огледало во Македонија“ е врвно ликовно-графички уредено дело, кое на прекрасен начин ги претставува фотографиите што американскиот фотограф Нил Фолберг во 1971 година ги направил во Македонија. Книгата како таква станува важен артефакт за нашата земја што секој би требало да го има дома.
Комисијата смета дека објавувањето на делото „Основните проблеми на режија“ од Хуго Клајн е вистински празник за нашето издаваштво и дека графичкото уредување на книгата е на навистина високо ниво, што го прави изданието достојно на значајното дело на Клајн.
Најдобра книга за деца е прогласена „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ од авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, илустраторка Наталија Лукомска („ИД-концепт“). Второто место го освои „Биби и Боби во Снешковград“ од Билјана Црвенковска, со илустрации на Михајло Димитриевски–Тхе Мичо, Магдалена Тофиловска и Иванчо Николов („Светот на Биби“, а третото – „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски, со илустрации на Орце Нинески.
Првото место во категоријата „најдобра книга за деца“ комисијата го доделува на книгата „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“, затоа што станува збор за најдобар спој на текст и илустрации од сите номинирани изданија. Приказната на многу необичен и креативен начин ги внесува децата во световите на седум македонски композитори, децата низ книгата учат музички поими и сето тоа е издизајнирано така што деловите се одделени со различни бои и со посебни насловни страници, а илустрациите на Лукомска на книгата ѝ даваат посебна живост и динамика.
Признание за најкреативно издание добија: „Ветерната приказна“ од Ника Гавровска со илустрации на Наташа Андонова („Гаврош“), Едицијата „Прегрнати книги“ од Велко Неделковски („Арс ламина“)и „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори“ од авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, илустраторка Наталија Лукомска („ИД-концепт“).

За прво место во оваа категорија сите членови на комисијата беа согласни дека треба да се додели на графичката новела „Ветерната приказна“. Станува збор за книга која е најкреативен спој на приказна (за млади и за возрасни), врвни илустрации кои соодветствуваат и на содржината и на стилот на раскажување на приказната и документаристички фотографии. Сето тоа е спакувано со оригинален рачно изработен букмаркер меѓу висококвалитетните корици кои влегуваат во кутија.
-Комисијата оваа година за автор на годината го прогласува професорот и академик Влада Урошевиќ. Влада Урошевиќ е еден од нашите најпознати книжевни и културни дејци, кои твори во речиси секој жанр, а се занимава и со книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Оваа година дефинитивно е негова година и комисијата сметаше дека тоа треба да се одбележи давајќи му го и оддавајќи му го и ова признание. Инаку, во изминатиот период Урошевиќ издаде две книги: романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, во издание на „Арс ламина“, кој ја доби наградата Роман на годината, и збирката раскази „Вонземјанки“ во издание на „Или-или“.
Специјално признание за промотор на читачката култура добија: „Водич низ природата“ од Кирил Арсовски Пржо, илустриран од Хари Дудески („Чудна шума“), „Забранети луѓе“ од Џон Илија Апелгрен („Арс ламина“) и Агенда за одговорно однесување „Се грижиме за планетата“ („Антолог“).
Специјално признание за промотор на читачката култура доби библиотеката „Исра“ од Кочани.
Одлуката на комисијата беше тешка, но сепак падна на библиотеката „Искра“. Членовите на комисијата и од своето лично искуство и според пренесените искуства на издавачите, сметаат дека ова е најактивната и најпосветената библиотека во Македонија, која постојано работи на промоција на читачката култура, преку заложби за носење на сите нови, актуелни и квалитетни наслови за деца и млади во библиотеката, со организирање на различни активности за поттикнување на читачките навики и читачката култура, како фестивали, прослави за денот на детето, гостувања на автори во библиотеката, но и во градинките и училиштата во Кочани, мали саеми на книги на кои учествуваат различни издавачи.





