Војводинскиот поет Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш, писател од Македонија ја добија наградата Меѓународната книжевна манифестација „Вавилон“ која утре и задутре ќе се одржи во Друштвото на писателите на Македонија. Свеченото отворање е закажано за утре во 11 часот во Свечената сала на ДПМ. По музичката точка на учениците од „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, присурните ќе ги поздрави Христо Петрески, претседател на ДПМ, а беседа за Вавилон ќе одржи Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ.
Признанието „Македониум“ ќе им биде доделено на Културно-информативните центри на Македонија во Њујорк, Софија, Истанбул, Тирана и во Загреб. Потоа следува „Поезија на реки од јазици“ со учество и настап на истакнати поети од земјава и странство.
Во галеријата Даут-пашин амам задутре во 11 часот ќе се одржи литературно матине „Вавилон“. Ќе настапат учениците од „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, а поздравна реч ќе има Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија. По беседите на добитниците на наградата „Вавилон“ ќе настапат афирмирани писатели од земјава и странство.
Манифестацијата „Вавилон“ е меѓународна и традиционална, а годинава се очекува да има учесници од: Македонија, Србија, Италија, Шпанија и од други земји.





