„Македоника литера“ го објави романот „Адела“ на познатиот романски писател од 20 век, Гарабет Ибраилеану, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова. „Адела“ е класика во романската литература и е филозофски роман во кој главен лик е љубовта. Ова е роман за искушенијата на љубовта, за судирот меѓу разумот и чувствата, за енигмата на вечниот женски принцип. Инспирирана апотеоза на животот, осмислена од љубовта. „Адела“ е првото дело на Ибраилеану преведено на македонски јазик.
– Суштината на романот е анализата направена од четириесетгодишен човек, психолошка интроспекција која произлегува од душата на вечниот адолесцент и анимирана од духот на деликатниот интелектуалец, кој не верува во можноста за искрена љубов од жена дваесет години помлада од него – велат издавачите.
Гарабет Ибраилеану (1871, Тргу Фрумос – 1936, Букурешт) бил романски критичар и литературен историчар, есеист, педагог, литературен уредник и романсиер. Бил меѓу највлијателните личности во романската литература во првите децении на 20 век, теоретичар, промотор на научната литературна критика, литературен креатор, професор по историја на романската литература на Универзитетот во Јаши и главен уредник на списанието Романски живот меѓу 1906 и 1930. Во 1908 година почнал да работи на катедрата за модерна литература на Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Јаши, каде останал до 1934 година.





