Во Корча промовирана „Буре барут“ од Дејан Дуковски на албански јазик

Регионот на Корча е на граница и има блиски врски и контакт со два света и култури: Македонија и Грција. Ова, од парадокс кој можеби изгледа донекаде неоправдан, и денес има многу кои не ги знаат или игнорираат сличностите што ги имаме со другите балкански земји, рече Ерис Руси, професор на Универзитетот во Корча и претседател на здружението „Книжевен и културен активизам“ кое го преведе „Буре барут“ од Дејан Дуковски на албански јазик. Промоцијата се одржа на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

– Преводот ни ја прикажува другата страна на огледалото, бидејќи генерално открива криза, проблем или некоја неопходна варијација, што поттикнува чувства и драматична напнатост. Понекогаш општеството, околината, колективната свест или несвесноста не успеваат да ги регистрираат овие кризи. Книжевноста умее тоа да го направи – рече Руси.

Според него, Дуковски на читателите им овозможи поинаков поглед на историјата на преселбите, на доселеничкиот пат, а „понекогаш дури и трагичната судбина на Балканот, ова буре барут, со противречности и непредвидливост, во нашето постоење.“

Васил Стерјовски, професор на Универзитетот во Корча и претседател на Македонското друштво „Сонце“ се заблагодари на сите што помогнаа да се преведе делото на албански јазик.

– Преводот ќе им овозможи на албанските читатели да се запознаат со македонската култура. Нема помоќно средство за запознавање на народите од културата. Културните размени меѓу народите се неопходен автопат на денешната цивилизација за размена на искуства, начин на живот, уметност, книги, кино, телевизија, театар итн. Треба да има повеќе културни размени меѓу народите на Балканот – рече тој.

Книгата е издадена во рамките на проекот Регионална мрежа за културна разновидност READ, поддржан од Европската Унија, а го спроведува Гете-институт од Скопје заедно во соработка со Асоцијација „Крокодил“ (Србија), Центар за балканска соработка Loja од Македонија, Институт за книги и промоција (Албанија), Калем културна асоцијација (Турција) и Центарот за мултимедија (Косово).

Пред присутните се обратија Марина Терповска-Старго од Гете-институтот, преведувачката Милена Селими, Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факултет, која го честиташе објавувањето на драмата „Буре барут“, како и Ирена Точи, директор на издавачката куќа „Теона“. Промоција на „Буре барут“ во превод на албански јазик деновиве беше одржана и во Пустец.

Сподели