Обично, најголемата улога во изградбата на улогите на актерите ја има режисерот, но овој пат глумците работеле навистина вредно и успеале да интерпретираат неколку ликови влегувајќи од сцена во сцена без пауза, без престан, без одмор…
Пишува: Ана Кубин
…Ми се јавува пајташката моја за културно-кафански излегуванки и ми вика ај да те носам у театар на премиера на новата од Срѓан Јаниќијевиќ, на текст на Сашо Кокаланов, играат Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсов. У прв момент ѝ викам, ајде ќе идеме, спуштам слушалка и се пребројувам… Што имам за облекување, оти за мене, по дифолт, одење у театар значи свечен чин, а уште повеќе ако станува збор за премиерна изведба, па после си помислувам, кај сум јас за у театар, да имав 20 години помалку и тоа како ќе ме понесеше театарски адреналин уште неколку денови пред да се случи праизведбата, арно ама овие предклимактерични години ми создаваат апстиненција на волја и елан за театарски настани, особено сега посткороновски и особено поради неколкуте безидејни обиди на нашите театри во последниве неколку години, на коишто за жал сум била жив сведок (чест на исклучоците).

И така неколку денови пред вечерта на закажаната средба у Театар Комедија, се размислувам дали да ја баталам крпата со која другарувам заради пролетното расчистување, да закажам фризер, да се нашминкам и да стигнам барем половина час пред претставата на билетара, оти тоа секогаш ми бил ритуал или да се извлечкам од дома изгледајќи како што ми е расположението (онака никакво), да ја изгледам или евентуално да ја преспијам претставата и да се вратам дома ко ништо да не било. По долго интроспективно размислување на тема: што е она, што уште може да ме насмее, со оглед на секојневната психосоматска борба со лошите вести, катастрофалните „новинарски“ текстови и очајно-провинцијалски портали, недостаток на добра културно-забавно-образовна програма на телевизиите (чест на исклучоците), решавам дека можеби и не е така страшно ако бидам дел од публиката на црната комедија за комедијата денес, насловена како „Веќе не е ни смешно“. Се облекувам и тргам, секогаш радувајќи се на средбите со мојата другарка од една „друга“ култура, од едно друго време и место, што веќе го нема, па остануваат спомени за разговор, цигара и по некоја пијачка за расположение…
Она што ме фрапира секој пат е со колку луѓе случајно се среќавам на вакви настани и ко вечност да поминала правиме муабет како сега да се запознаваме, како и она колку многу ликови, божем не ме препознаваат, оти сè повеќе сме се отуѓиле и оти секој наш контакт најчесто се темели на еднострана корист, затоа и ми е најчесна реченицата, знаеш дека те барам зашто ми треба услуга. Седнуваме во петтиот ред, а да бидам искрена у Театар Комедија не сум била од времето кога беше Театар Центар, па сомнежите за тоа што можам да очекувам беа на највисоко можно ниво, на крајот на краиштата, тажно ни е времево за да се смееме на комедии и сатирични ситуации, ме начекува интересна препорака за исклучување на мобилните и се затемнува сцената и гледалиштето.

Така, со полуволја чекам да почне да ме нервира претставава, се осветлува сцената и уште од прв момент ме враќа у младоста, зашто на евтините картонски кутии што ја градат ексклузивната сценографија на Марија Ветероска, испишан е графит на мојата најдобра средношколска другарка од едно урбано градско Скопје што го нема повеќе. Обични картонски кутии што се дел од сценографско решение на нашите животи. Oти независно колку сме добро спакувани, нашите животи го имаат квалитетот на една сосем обична кафена картонска кутија, а всушност толку и ни треба за живот, зашто суштината на живеењето е во она што го правиме, работиме и како влијаеме на промените, а не каков ни е омотот, значењето на нашите животи треба да биде толку големо како што е она на последната коцка од „пазлата“. Сценографски тотално функционално решение, што можеби е совршен контраст на костимографијата на Лидија Георгиева, која што идејно дава една прецизно чиста, тотално модерна верзија на униформите на ликовите следствено на нивните професии во тиркизно- небесно сина боја, која од еден аспект дава слика на луксуз, а од друг можеби го посочува човековиот стремеж кон идеалноста на минимализмот, секако во двата случаја сценографијата и костимографијата се дијаметрално различни и компатибилни до совршенство.
Актерите на сцена во тетар не сум ги гледала никогаш до сега, сум ги гледала на ТВ и некако таква и ми беше предрасудата дека и ден-денес не знам да ги разликувам кој е кој и дека тоа е оној тип на млади глумци коишто во театарот ги понесува златно-бубамаровска атмосфера, па го занемаруваат талентот ставајќи и се во услуга на публиката зашто таа секако има потреба од шоу. И да, можеби треба уште вредна работа за да се постигне фарсата на сцена, но пријатно ме изненади и ме вчудовиде успешноста со која актерската екипа на сцената во најмала рака одигрува трoјно повеќе ликови од базичните шест, а тоа е веќе умешност, ако не и уметност. Обично, најголемата улога во изградбата на улогите на актерите ја има режисерот, но овој пат морам да признаам дека глумците работеле навистина вредно и успеале да интерпретираат неколку ликови влегувајќи од сцена во сцена без пауза, без престан, без одмор, навистина професионално и скоро еднакво успешно како што тоа го прават стари и искусни актеришта.

Енергијата што ја трошат во текот на целата претстава струи во воздухот над гледалиштето, па ја држи будноста на публика, во текот на двата часа комедија што не е комедија. Иако навистина е тешко во едно чудно време на лакрдија и бесмисленост, актерски да одиграш посебен вид комедија во која смешното се постигнува со двосмисленост на зборовите и со груби шеги и смешни ефекти, но има задача не само да те насмее, туку повеќе од сè да те замисли, целата актерска екипа некако шармантно, но со многу труд успева да ја разбуди публиката, па на крајот и да ја освести. Иако постои неспорен факт дека претставата сама по себе носејќи го насловот „Веќе не е ни смешно“ има единствена цел, да не натера да сè погледнеме себеси и ако успееме да се исмеваме со самите себе, тогаш слободно можеме да се смееме на сиот глас на секојдневните ситуации во кои сосем случајно и намерно се наоѓаат актерите во претставата.
Не можам да ја обвинам публиката и оние неколкумина кои најгласно ги доживуваа репликите на сцена, зашто на сите нас ни треба радост, а таа најчесто произлегува од насмевката, претпоставувам дека оние кои најслатко се смееле, најгорко плачеле, оти текстот на Кокаланов (не дека ми е другар и колега) навистина и едноставно маестрално ја отсликува најсуровата реалност од која сите ние сме мал дел, драматуршки го пренесува и најситното парче живот што сите ние секојдневно го преџвакуваме, па додека е смешно е смешно, но кога ќе сфатиме дека тоа сме ние „Веќе не е ни смешно“. Има тука многу симболики и многу дискусии на тема жените во животите на мажите, мажите во животот на жената, или животот на оние коишто сè уште немаат изразен пол… но тоа за некое друго време.

… Комедијата на Кокаланов е инспирирана од „Човек што плаче од смеење“ на Фредерик Бегбеде и „Човекот што се смее“ на Виктор Иго. Во неа ќе препознаете и алузии на филмот „Џокер“ на Тод Филипс; на тажниот живот на големите мајстори на хуморот, како Робин Вилијамс, но, за жал, и на „кловновите“ околу нас, кои безмилосно ја освоија сцената на смеата. (извадок од краткиот осврт за претставата)
За режисерот Јаниќијевиќ, само кратко можам да кажам дека направил актуелна претстава, одлична претстава којашто се надевам дека ќе полни сали, зашто во ова доба на култура тоа е и најпотребно, претстава која е самоодржлива и која не соочува нас „граѓаните“ од и во публиката со она што го живееме, со она што го чувствуваме и мислиме, а најмалку го согледуваме, оти сите ние сме нереални во самооценувањето и најчесто субјективни во признавањето на сопствените маани и грешки. Јаниќијевиќ е режисер на денешницата и тоа не може никој да го оспори, но чувствата со кои си отидов од неговата претстава за денес, ми предизвикаа желба да ја гледам уште еднаш и пак.
Колку и да е актуелен Јаниќијевиќ во своите поставки сепак тој е и футурист во погледите на светот, покажувајќи ни го патот каде што не води нашето самоуништување, а атмосферата после претставата во бифето на Театар Комедија, напати ме врати во едно минато време кога имаше забавен ноќен живот, кога Јаниќијевиќ ми одговараше на прашањата од едно интервју за една ТВ станица којашто веќе не постои, седнат на маса каде што вечерта беше стациониран диџејот, време во кое сите ние барем за кратко сакаме да се вратиме. Ете така некако се случува и со неговите претстави, па тој станува архивар, документарист на едно денес. Секоја чест на исклучоците на коишто припаѓа и Јаниќиевиќ, целата актерска група, текстот и целокупната екипа на претставата „Веќе не е ни смешно“.

Добро поминати два часа, со одличната екипа на претставата, во ужасно неудобните стари столчиња на Театар Комедија, светлото на оваа црна комедија го осмисли Илија Тарчуговски, музика е на Игор Василев-Новоградска, дизајнот за плакатот е на Мартина Петровска, мајстор на фотографијата е Кире Галевски, а видеото е на „Машина продакшн“.
Заклучок: ОДЕТЕ ВО ТЕТАР, ПА ДУРИ И ТОГАШ КОГА СТЕ НЕРАСПОЛОЖЕНИ, НЕ ЗНАЕТЕ ШТО СÈ МОЖЕ ДА ВЕ ОДНЕСЕ ВО ДОБРО РАСПОЛОЖЕНИЕ, ОТИ ТЕАТАРОТ Е ЧИСТИЛИШТЕ НА НАШИОТ ДУХ, ПА ДУРИ И ТОГАШ КОГА ВЕЌЕ НЕ Е НИ СМЕШНО!





