По успешната премиера, „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова во продукција на „ДНФ Филмс“ веќе е на редовен репертоар во македонските кина. Првиот долгометражен филм на Елеонора Венинова се прикажува во „Синеплекс“ и „Милениум“ во Скопје, „Киноверзум“ во Велес и во Свети Николе. Утревечер (сабота) ќе ја има и својата премиера во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, а наскоро ќе се најде и низ другите кина низ земјата. Од 4 мај ќе се прикажува и во Кинотеката во Скопје.
Премиерата во киното „Фросина“ беше исполнета до последното седиште, а по завршувањето на проекцијата екипата заслужна за продукцијата беше дочекана со овации.

Посетителите имаа прилика да ги видат оригиналните фотографии што се користат во филмот и се изработени со аналогни фототехники и со користење на „Ефектот Сабатиер“, односно „соларизираниот“, т.е. „преекспонираниот“ ефект по кој филмот го добива своето име.
По премиерата публиката уживаше во изведбата на авторските нумери од филмот од авторот Лео Поповиќ а.к.а. Долорес.
Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година.

Во Европа „Преекспонирано“, изминатата недела се прикажа на новиот филмски фестивал Еуразја во Варшава, Полска, а ќе се натпреварува и на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Сицилија.
Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинова, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.





