Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде врачена наградата за најдобар необјавен роман„Пегаз“ за 2022 година. Воедно ќе се одржи и промоција на победничкиот роман – „Зелениот дворец“ од авторот Сибо. На врачувањето ќе се обратат членовите на жирито: Владимир Јанковски (писател и добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година), Елизабета Баковска (писателка и книжевна теоретичарка) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“), а промоторка на книгата ќе биде писателката Јана Мишо.
– „Зелениот дворец“ е роман – временска машина низ историјата на градот Скопје и неговата трансформација во дваесеттите и во шеесеттите години на минатиот век, и во сегашноста. Во фонот на урбанистичките промени на градот поттикнати од различни човечки и природни влијанија, Петар – средовечен маж и научник од совремието – се чувствува како да не припаѓа на времето во кое живее и доживува необични случки што го поттикнуваат да ја продлабочи идејата за постоење на паралелни универзуми. Привлечен од нејасна внатрешна сила, доаѓа до куќата-дворец во населбата Црниче во Скопје, изградена во дваесеттите години на 20 век на тогашната периферија на градот. Легендата вели дека таа куќа била опседната од духови и проколната, но за Петар ќе биде поаѓалиште кон неговото следно патување – велат организаторите на наградата, издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
На конкурсот се пријавиле и учествувале 38 ракописи. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата биле и ракописите: „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Романот „Зелениот дворец“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.





