Сакам „Преекспонирано“ да отвори теми за кои луѓето избегнуваат да зборуваат

Кога се сеќавам на тоа време дека може во секој момент да се случи некоја катастрофа и да мора да го прекинеме снимањето, и јас се прашувам каков филм ќе направев да бев смирена и да го немав тој огромен облак на сомнежи и стравови кои постоеја насекаде околу мене и во мене, вели режисерката Елеонора Венинова

По нејзините успешни кратки филмови „Борба за смрт“ и „Влакна“, режисерката Елеонора Винова по нормален след на настаните го сними својот прв долгометражен игран филм. Пред да го видиме дома, филмот „Преекспонирано“ веќе прошета по неколку големи фестивали и од А категорија, а од 27 април ќе се прикажува низ Македонија. Со Венинова разговараме за предизвикот да се снима филм во време на пандемијата, но и за очекувањата и предизвиците да се биде дел од македонската кинемарографија.

Ве радува ли што дојде денот за македонската премиера? Имате ли трема пред филмот да биде прикажан дома?

– Дефинитивно се радувам и секако дека чувствувам многу нешта истовремено, но не сум сигурна дали е трема или возбуда. Долго го чекав овој момент, филмот го снимивме пред речиси 3 години, а уште повеќе години претходно го подготвував и сега конечно дојде времето да го споделам со публиката. Нашата публика умее да биде особено критична кон македонските филмови, така што навистина ме интересира какви ќе бидат реакциите и како нашите сораѓани ќе го доживеат филмот.

„Преекспонирано“ има убав меѓународен живот од самиот почеток, неколку фестивали, азиска премиера… Очекувавте ли ваков успех?

– Ми се чини дека секој од нас кој работи некава креативна работа очекува, или барем се надева дека она што сме го сработиле ќе биде добро примено, како од критичарите и професионалците, така и од консументите на уметност и култура. Од самиот почеток, уште кога постоеше само сценариото, а потоа и кога ги имавме првите верзии на филмот, со продуцентот некако си зададовме цел дека со филмот ќе имаме премиера на А фестивал, тоа му го кажавме и на агентот за продажба, кој апсолутно се согласи и ни помогна во таа намера. Секако, секогаш постои јаз меѓу желбите/целите и она што може да се постигне во реалноста, па така сум среќна што во случајот на „Преекспонирано“ тој јаз е релативно мал. Приказната со филмот уште не е завршена, македонската премиера и прикажувањето низ Македонија ни е многу важно затоа што сакаме луѓето да го гледаат филмот, но можеби повеќе од тоа – сакам филмот да покрене дебата за некои теми/прашања во нашето општество. Тоа за мене ќе биде знак на успех – колку ќе успееме да прозборуваме за некои работи за кои инаку луѓето избегнуваат искрено да разговараат.

Со оглед на тоа дека беше создаден во време на корона, кои беа поголемите предизвици со кои се соочивте во создавањето на филмот? Дали короната предизвика да треба да направите некаков компромис во однос на сценарио и сл.?

– Додека го снимавме филмот, (ова беше некои четири месеци по почетокот на пандемијата), сите бевме некако анксиозни и во блага паника од она што се случуваше околу нас. Самиот факт што имавме една ментална и физичка блокада дека треба да се држиме подалеку едни од други и да не се допираме, мислам дека имаше влијание на филмот во смисла на расположението и опуштеноста која ја имаше (или немаше) на сет. Компромиси во однос на приказната немаше, бидејќи самата приказна налагаше да бидеме во еден тип на изолација (како што се тројцата ликови во филмот). Кога се сеќавам на мојата психичка состојба од тоа време и напнатоста која ја чувствував дека може во секој момент да се случи некоја катастрофа од типот на можноста некој да се разболи и да мора да го прекинеме снимањето и јас се прашувам каков филм ќе направев да бев смирена и да го немав тој огромен облак на сомнежи и стравови кои постоеја насекаде околу мене и во мене. Мислам дека, на еден чуден начин, филмот ја отсликува мојата емотивна состојба од тоа време.

На Фестивалот во Египет Ви се случи непријатност – кога фестивалот одлучи да не продава влезници за неколку филмови, меѓу кои беше и „Преекспонирано“, пореди одредени сцени во филмот. Ве разочара ли овој став и на што поточно реагираа од фестивалот, доколку воопшто добивте некакво известување?

– Објаснување до ден денеска не добивме и остана приказната која ја дознавме од медиумите – дека едноставно нашиот филм се најде во друштво на уште некои филмови кои не беа отворени за јавноста од причини што содржат сцени и третираат теми кои се контроверзни за тоа општество. Бевме разочарани, на моменти и лути, но со оглед на тоа што сево ова го дознавме по завршувањето на фестивалот, немаше што многу да направиме.

Дали актерите ги имавте на ум кога го пишувавте сценариото или ги најдовте по пат на аудиција?

– Не, додека го пишував сценариото немав конкретни актери во глава, впрочем ретко ми се случува да напишам сценарио за конкретен актер/актерка, иако и тоа се случувало. Најчесто ги замислувам како емотивни битија, некогаш имаат и конкретен физички изглед, но клучното е дека секогаш знам како се чувствуваат ликовите во мојот филм. На аудицијата со кастинг агентката баравме глумци кои беа емотивно и енергетски најблиски до она што беа ликовите во филмот. Имавме многу аудиции и изборот беше доста тежок затоа што не барав само добри индивидуални глум(и)ци, туку правев и аудиција на парови и затоа процесот траеше доста долго.

Каде сè се планира да се прикажува „Преекспонирано“?

– Освен во Скопје, „Преекспонирано“ ќе се прикажува и низ градовите во Македонија, но распоредот се уште не е финален, така што за ова дополнително ќе објавиме датуми и локации. За две недели заминувам и на фестивалот „КинЕст“ на Сицилија каде ќе се прикажува филмот и каде ќе одржам и работилица, така што се радувам на средбата со италијанската публика.

По неколку успешни кратки филмови, некако природно Ви се случува долгометражниот филм. Задоволна ли сте како ја градите својата кариера?

– Некогаш да, некогаш не, зависи од денот. И не, не се шегувавам. Мислам дека чувството на успех или неуспех зависи од многу други фактори, пред сè, кое е нашето лично мерило за успех. Би сакала да можевме да правиме повеќе филмови, да снимаме и квалитетни серии, да не мора како уметници да се бориме да преживееме финансиски… Од друга страна, токму заради сите овие отежнителни околности, честопати сум многу задоволна од текот на мојата кариера, иако сè уште ја оставам отворена опцијата дека еден ден може по трет пат да сменам кариера и да се занимавам со земјоделство.

Дали работите на нешто ново периодов?

– Во моментов работам на сценарио за нов долгометражен филм. Веќе имам шест постоечки сценарија за долгометражен филм, но интересна ми е една сосема нова идеја, па сега се обидувам да откријам што сакам да правам со неа. При крај сум и со краткиот филм „Прошетка“ и се надевам дека и тој ќе го претставиме пред македонската публика до крајот на годинава.

Сподели