„Дигиталниот свет на генерација алфа“ – промоција на водич за родители и старатели

„Дигиталниот свет на генерација алфа“ е насловот на првиот водич за медиумска писменост за родители и старатели на деца од 5 до 10 години кој денеска во 17 часот ќе биде промовиран во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Авторки на изданието се Тамара Ќупева, Ирена Христовска и Ана Попризова кои на присутните одблиску ќе им ја доближат содржината на самиот водич. Дискусијата ќе ја води Марија Атанасовска.

Водичот и промотивниот настан се реализираат во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“, спроведен од ИРЕКС во партнерска соработка со МОФ.

„Вашето дете е дете на генерацијата Алфа. Едно од 264.056 деца родени во земјава, по 2010 година. Ова е прва вистинска генерација на 21 век. Првата буква на новата ера. ,Стаклена’ генерација, скринејџери, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор. Јутјубери, тиктокери и гејмери. Тие учат, играат и комуницираат различно од сите претходни генерации. Го осознаваат светот во целосно дигитално опкружување. Имаат различна перцепција на непосредната околина, на играта, на социјализацијата, на фикцијата, на стварноста, на текстот, на јазикот. Се разбираат на дигитален, универзален јазик… Но, емоционално ранливи се и подложни на многу влијанија, манипулации, пропаганда, дезинформации. Нестабилен е нивниот идентитет. Управуваат со уреди кои всушност, управуваат со нив!“, ја најави публикацијата Ќупева која е децидна дека од нас зависи нивниот развој и безбедно детство.

Сподели