Во чест на 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право, ви ја пренесуваме во целост пораката на проф. д-р Ана Стојаноска
Светот на книгите е светот на бескрајните можности. Светот на книгите, заедно со светот на уметностите е непроценливата смисла на човековото постоење. Во книгите се скриени сите одговори, дури и оние на непоставените прашања. Книгите постојат од првите човекови обиди да се раскаже приказната, да се напише одредено сведоштво, да се остави трага низ вековите. Книгите се создавале и се пишувале, но пред сѐ, се чувале за да бидат дел од колективната оставнина на човештвото. Книгите ни се многу потребни денес. Посебно денес! Кога светот станува нетрпелив, брз, дефокусиран, кога не се чита толку многу, кога се пишува непотребно многу, кога вредностите се изменети, кога човештвото се наоѓа толку близу до сопственото уништување.

Книгите ни требаат на сите. На малите деца, да го научат и да го проучат светот што го среќаваат за прв пат, на учениците да видат дека има знаење и настрана од сликите што се движат, на младите луѓе кои побрзо сакаат сѐ одеднаш и сѐ веднаш, на луѓето во сериозни години кои познавале некои други времиња, како и на оние што ги сведочат многуте години искуства низ брчките на лицата. Книгите ни требаат! Но, оние вистинските книги. Книгите кои нѐ учат дека да сонуваш и да остваруваш не е непознато. Книгите кои ни донесуваат нови светови, книгите кои ни го објаснуваат овој свет и сите други наоколу. Книгите со кои растеме, книгите кои не нѐ оставаат да спиеме, книгите што скришум ги препрочитуваме. Колку се важни книгите може да видиме и во некои режими, дури и во некои научнофантастични приказни, каде што на човекот кому му ја одземаш книгата – му ја одземаш слободата. Книгите се слобода!
Да се пишува, пак, значи да се создава еден нов свет. Колку сите приказни и да се раскажани, секогаш има некоја која може да се раскаже на друг начин. Ние писателите, посебно, ние што пишуваме од дното на душата, од највнатрето, знаеме дека книгите ни се смислата во целата човекова бесмисла. Да не заборавиме дека тоа што знаеме да пишуваме според одредени стандарди, не нѐ прави писатели. Важни се приказните што ги раскажуваме и начинот на кој го правиме тоа.
Да се чита книга, пак, значи да се открива еден нов свет. За разлика од другите уметности, книгите ни ја даваат можноста за она што го кажуваат пишаните зборови, читателот да создава свој свет, бескраен свет. Да се чита книга, значи да се биде дел од една заедница.
Да се чува уметноста и знаењето во книгите е посебна одговорност. Затоа ни се важни вакви денови. Затоа што нѐ потсетуваат зошто постојат книгите и зошто толку ни се важни. Независно во каков формат и да се наоѓаат, важното е она што е напишано во нив. Книги имало и ќе има секогаш. Сѐ додека постои човековата потреба за знаење, за раскажување и за читање на сето напишано.





