Под слоганот „Танцувајќи создаваме иднина!“ две танцови претстави ќе бидат изведени вечерва во киното „Фросина“ во Скопје во рамките на „Танц фест 2023“. Во 20 часот ќе биде изведена „16 чекори до земјата“ од танцовата компанија „Априори“ од Грција. Кореографијата е на Елеонора Илија, композитор е Александрос Ризопулос, драматург – Стела Димитракопулу, а костимите се на Ники Хронопулу. Настапуваат: Ана Папаниколау, Марија Влахоу, Наталија Барус.
Во 21 часот ќе биде изведена „КОД #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола. Со својот минималистички пристап, претставата ја истражува трансформативната сила на играта помеѓу темнината и светлото. Додека темнината нуди можност за бесконечност и трансцеденталност, светлото резба фрагменти од телото, мислите и воздишките.
Ивана Балабанова е танчерка, кореографка и интердисциплинарен уметник од Скопје. Дипломирала на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, под менторство на проф. Рисима Рисимкин, а моментално ги остварува своите магистерски студии по кореографија на Универзитетот за уметности во Цирих – ZHdK каде што е една од тројцата добитници на „Стипендија за извонредност“.
Алесандро Ола е мултидисциплинарен уметник кој по студиите за пијано, композиција и електронска музика, реши да го напушти академскиот пристап кон музиката и започна уметнички пат низ експериментирање, импровизација и електроника и во музичката композиција и во неговото перформативно присуство. Неговото лично истражување е фокусирано главно на интеракцијата на музиката со другите уметнички изрази.
Повеќе за вечерашната програма на линкот.





