Со мнозинство гласови од присутните членови, актерот Симеон Мони Дамевски денеска беше реизбран за директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Изборот се случи на свеченото Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) со кое почна и 5. издание на „Златна рамка“. Дамевски ја извршуваше директорската функција од јуни 2021 година, а според статутот на ДФРМ, неговиот нов мандат ќе важи за следните две изданија на фестивалот во Битола.
Мони Дамевски презентираше извештај за минатогодишното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера. Тој најави и богата програма и реномирани гости на годинашното издание на фестивалот кое треба да се одржи во втората половина на септември.
Дамевски дипломирал актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрирал на Ратгерс, државниот факултет на Њу Џерси во САД, каде од 1990 до 1992 година бил и асистен по глума. Во 40-годишната кариера играл во театар и на филм („Пред дождот“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ мегу другите), продуцент е на „Враќање“ и „Војната заврши“ на Митко Панов и на 6 документарци, а очекува и продукција на две негови филмски сценарија. Син е на еден од легендарните македонски актери, Дарко Дамевски.





