Кога слушам дека баш моите книги се најбрзо прочитани од страна на тинејџерите што немаат навика да читаат, тоа ме мотивира да продолжам да пишувам – вели Енна Месарош, млада писателка од Нови Сад, чиј втор роман „Француски камп“ неодамна е објавен на македонски јазик
Еден тинејџер најдобро може да разбере друг тинејџер. Затоа јас пишувам на јазик што им е близок на младите. Кога слушам дека баш моите книги се најбрзо прочитани од страна на тинејџерите што немаат навика да читаат, тоа ме мотивира да продолжам да пишувам – вели 20-годишната Енна Месарош, писателка од Србија, чиј роман „Француски камп“ неодамна е објавен на македонски јазик. Четивото што го задржува вниманието дури и на нестрпливите млади и се чита брзо и лесно на македонски јазик веќе доби нова публика, благодарение на проектот РЕАД (Регионална мрежа за културна разновидност) на Гете-институтот, а книгата ја издаде Здружението за промоција и унапредување на културата, образованието и науката УМНО од Скопје. Романот веќе пристигна кај средношколци во 20 града низ Македонија.
Седумнаесетгодишната Лана живее во книгите, во својата соба каде што се чувствува најсигурна. Надвор таа е изложена на врсничко насилство кое има големо влијание врз неа.

Енна Месарош е родена на 7 октомври 2002 година во Нови Сад, Србија. Завршила Средно машинско училиште, насока техничар за роботика. Потоа се запишала на Педагошки факултет. Со пишување се занимава од мала. „Француски камп“ ѝ е втор роман, кој го објавила во 2021 година во издание на „Нова поетика“ од Белград. Ги напишала и „Не ми мавтај со нож пред носот“ (Ne maši mi nožem ispred nosa, 2020) и „И тогаш полетав“ (I onda sam poletela, 2021). Со својата работа се обидува да им испрати позитивна порака на младите. Ужива во пишувањето зашто може да биде што ќе посака во својот сет на фантазијата.
Твојатa книга „Француски камп“ доби македонски превод и тоа е првиот јазик на кој се издава твоја книга надвор од Србија. те радува ли тој факт дека нова публика може да се сретне со твојата литература?
– Да, имав голема чест мојата омилена книга да ми биде преведена на македонски јазик. Додека траеше изборот која од моите книги да биде преведена, возбудата ми растеше и кога дознав дека ќе биде баш оваа книга за која толку многу навивав, на мојата среќа и немаше крај. Се надевам дека наскоро ќе ги видам и останатите мои книги на овој преубав јазик.
Романот е во суштина приказна што може да допре до секој млад човек, зашто зборува за проблемите што ги мачат – самодоверба, булинг, прва љубов… Како дојде до идејата за романот и зошто баш француски?
– По објавувањето на мојата прва книга, наидов на многубројни позитивни критики, но и на по некои забелешки, зашто романот во себе содржи тажни делови што читателите ги доведуваше до солзи. Одлучив да напишам книга во кој нема тага и ќе е полна со позитивна енергија, што ќе го инспирира секого да ја прочита и да го натера да го каже тоа на далеку чуеното – Оооо!
Отсекогаш ми беше сон да одам во Франција во „Дизниленд“, таа земја ме одушевува со својата убацина и туристички места. И тогаш одлучив – ако веќе досега не сум имала прилика да го посетам, тоа може да го направо главната хероина во книгите.
Како младите во Србија реагираа досега на твоите три романи?
– Најубавата пофалба ми беше кога другар ми рече дека мојата книга била првата што со одушевување ја прочитал од почеток до крај. Кога слушам дека баш моите книги се најбрзо прочитани од страна на тинејџерите што немаат навика да читаат, тоа ме мотивира да продолжам да пишувам.

Факт е дека денеска сите сме со мобилните телефони во рака постојано и читањето станува сè поретка навика и за возрасните. Како да допреме до поголема читателска публика?
– Мислам дека клучната работа е да им дадеме содржина што повеќе ќе ги интересира од содржината на мобилните телефони. Колку повеќе млади се занимаваат со пишување и повеќе млади ќе читаат. Важно е во текот на пишувањето да бидеме искрени, да го користиме повеќе говорот што го употребуваме во секојдневието. Тинејџер секогаш најдобро ќе се разбере друг тинејџер. Затоа вакви проекти каде се поддржуваат млади автори се навистина скапоцени и придонесуваат за развој на културата на многу начини.
Се одлучи да почнеш да пишуваш и со цел да влијаеш на младите што имаат одредени проблеми, а и самата си била жртва на меѓуврсничко насилство. Колку пишувањето ти помогна да ги победиш последиците од овие непријатни ситуации?
– Во средното школо имав чувство како да се наоѓам во реалити шоу. Многу драма, кавги, тепање, неприфаќање на некои ученици, меѓу кои бев и јас. Своите проблеми ги пренесов на хартија и ми беше полесно зашто имав чувство дека конечно некој може да ме сослуша, а и низ пишувањето се обидував да најдам решение за ситуацијата во која се наоѓав.
Мојата порака до младите кои во моментов поминуваат низ насилство е да знаат дека не се сами и дека многу брзо сето тоа ќе помине. Иако тоа изгледа далечно и ситуациите изгледаат како да ќе траат вечно, во еден момент ќе забележите како сè се вратило на свое место и како сте почнале да ги живеете вашите соништа.

Што ново подготвуваш годинава?
– Веќе ми е готова четвртата книга и во потрага сум по тим луѓе што можат да ми помогнат да ја дочека светлината на денот. Таа ја следи авантурата на една весела група тинејџери што се нашла во несекојдневна ситуација. Љубов, страв, пријателство, чудовишта и мистерија… ова се само некои од работите што може да ги очекувате во наредната книга.
Започнав со пишувањето на петтата книга и многу брзо ќе биде готова. Не смеам многу да откријам, ама најверојатно ќе биде авантуристичка книга со елементи на научна фантастика.





